Пендаровски: Загадувањето ќе биде точка на следната седница на Советот за безбедност

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во одговор на отвореното писмо од граѓански организации, кои побараа претседателот и армијата повеќе да се вклучат во решавање на проблемот со загадениот воздух, најави дека проблемот со загадувањето ќе биде на агендата на следната седница на Советот за безбедност.

„Проблемот со загадувањето може да се реши само со координација и вклученост на сите надлежни институции. Затоа ќе ја интензивирам комуникацијата и координацијата со граѓанските организации коишто дејствуваат во полето на екологијата. Во мојот одговор на отвореното писмо од здружените граѓански организации и иницијативи, повикав претставници од потписниците на писмото на средба во мојот кабинет на 14.11.2019 во 13.30 часот. Исто така, проблемот со загадувањето планирам да биде точка на следната седница на Советот за безбедност. Сакам граѓанските организации да знаат дека целосно се ставам на располагање за да помогнам во активностите, да бидам гласен поддржувач на граѓанските иницијативи и своевиден мост за побрза и поефективна комуникација помеѓу надлежните институции и граѓанските организации“, смета Пендаровски.

Претседателот додава и дека Армијата на Република Северна Македонија не може да се вклучи во патроли и дежурства, како што побараа граѓанские организации, но додава дека тие ќе придонесуваат за заштита на животната средина преку други активности кои тековно ги работат – од пошумување и расчистување опожарени локации, до чистење речни корита и обуки за грижа за екологијата.

Советот за безбедност ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на државата и дава предлози на Собранието и Владата. Покрај претседателот во Советот за безбедност се вклучени и претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови именувани од претседателот на државата.