Повеќе здруженија упатија отворено писмо до Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев да ги активираат припадниците на армијата и полицијата за да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно Член 43 од Уставот, и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно Член 3, Член 5 и Член 14 од Законот за полиција.
„Имено, секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и Полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во следните активности:
- Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и Полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;
- Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;
- Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;
- Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.
Сметаме дека Армијата и Полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави“, стои во отвореното писмо.
На него досега се потпишани;
Скопје Смог Аларм
О2 Иницијатива
Еко Герила
Граѓанско движење „Битола сака чист воздух“
AirCare – МојВоздух
Не биди ѓубре
Здравје пред профит
Група граѓани Визбегово
Fridays For Future Skopje
Ние сме Карпош 4
ЕкоКарпош 3, 2,1
Го сакам Водно
Движење за чист воздух