Патувачката изложба посветена на Балкански рис ќе биде отворена за скопската јавност на 5 март во културниот простор Лабораториум, со почеток во 19 часот. Настанот го организира Македонско еколошко друштво (МЕД), по претходните поставувања во седум градови низ Македонија.
Изложбата има за цел да ја доближи оваа ретка и загрозена животинска врста до пошироката јавност и да ја подигне свеста за потребата од нејзина заштита. Посетителите ќе можат да видат дваесетина фотографии од балканскиот рис, од кои најголемиот дел се направени со фотозамки – метод што МЕД го применува на терен повеќе од 18 години.
Покрај фотографиите, изложбата ја претставува и теренската работа на организацијата во рамки на регионалната Balkan Lynx Recovery Programme, програма која веќе две децении работи на закрепнување на популацијата на балканскиот рис. Благодарение на овие активности, научниците успеаја да ја проценат бројноста на рисот во Македонија, да го следат неговото движење преку ГПС-технологија и да соберат нови сознанија за неговите навики и живеалишта.
Во рамки на програмата се воспоставени и партнерства со институции, ловџии, шумари и ловочувари, кои имаат важна улога во заштитата на овој редок подвид. Истовремено, иницијативите придонесоа и за прогласување на нови заштитени подрачја, меѓу кои и Шар Планина, регион од големо значење за опстанокот на рисот.
Патувачката изложба претходно беше поставена и во националните паркови Маврово, Пелистер, Галичица и Шар Планина. Освен што нуди визуелно доживување на ова ретко животно, изложбата отвора и дискусија за неговата заштита. Според проценките, во природата денес има помалку од 50 возрасни единки на балканскиот рис.
Изложбата во Скопје ќе биде отворена за посетители до 5 април.



