„Патот до еднаквост“: Филмски караван за менструална сиромаштија

По повод 28 мај – Меѓународениот ден на менструална хигиена и здравје иницијативата „Period Skopje“ организира Филмски караван за менструална сиромаштија: Патот до еднаквост, кој има за цел да ја подигне јавната свест, да поттикне отворен дијалог и да ги мобилизира младите луѓе на локално ниво во борбата против менструалната сиромаштија и стигма во Македонија.

„Според истражувањето ‘Менструална правда’ од 2021 година, 71% од испитаничките никогаш не слушнале за концептот на менструална сиромаштија, а речиси секоја трета изјавила дека барем еднаш, а половина од нив повеќе пати, немале пари за да купат влошки и морале да импровизираат со крпи, тоалетна хартија или друг материјал. Ова јасно ја истакнува потребата отворено да зборуваме за менструацијата и менструалната сиромаштија“, велат од „Period“.

Во рамки на караванот ќе се организираат проекции на оскаровскиот документарец „Менструација. Крај на реченицата“ во пет различни градови низ земјата, со што ќе се отвори простор за разговор за менструалната (не)правда. Проекциите започнуваат утре (9 мај) со почеток во 17 часот во Младинскиот центар во Македонски Брод. Проекцијата во Штип ќе се случи на 13 мај во 17 часот во „МладиХаб“. Додека проекција во Крива Паланка ќе има на 15 мај со почеток во 18 часот во Јуроп хаус.

„Филмот ги обработува предизвиците поврзани со менструалната сиромаштија и нејзиното влијание врз самодовербата, образовните и економските можности и достоинството на девојчињата и жените. По секоја проекција, ќе следат интерактивни дискусии со цел да се охрабрат отворени разговори и споделување на лични искуства, како и да се зголеми разбирањето за овој општествен проблем кој сè уште е премолчуван“, истакнуваат од иницијативата.

Во рамките на секоја проекција ќе бидат дистрибуирани и промотивни материјали, како и примероци од збирката на приказни „#прваменструација“ која ги документира реалните искуства на млади луѓе со менструацијата во нашата земја.

Заинтересираните може да се пријават на следниот линк.

Инаку, оваа активност е спроведена со финансиска поддршка од „Youth Empowerment Fund“.