„Партизан не го даваме“ – граѓани ќе се собираат на протест во Карпош

Под мотото „Партизан не го даваме“, во среда (утре, 16 јули) во 19:30 часот пред спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ во Карпош 4, позната како „Партизан“, ќе се одржи протест на граѓани како реакција на одлуката на Владата за одземање на салата од трајно користење на Општина Карпош, донесена без претходна консултација со локалната самоуправа и локалното население. 

Станува збор за објект од особено значење за заедницата, во кој Општината вложи значителни средства за негово пуштање во употреба, а граѓани со години лобираа и работеа за негово заживување.

На протестот пред присутните ќе се обратат советници од Советот на Општина Карпош, претставници на спортски здруженија, граѓани и активисти.

„Салата ‘Партизан’ не е само бетон. Таа е дел од историјата на Карпош, од младоста на илјадници деца и спортисти. Ние ќе застанеме исправено и ќе кажеме ‘не’ на непринципиелното одземање на имот во сопственост на карпошани“, велат организаторите.

Тие посочуваат дека утрешниот протест ќе биде отворен за сите граѓани, спортски клубови, поранешни и сегашни спортисти, родители и ученици, со цел да се испрати јасна порака: „Јавниот интерес и локалната самоуправа мора да бидат почитувани“.

За оваа култна сала, донација од францускиот народ по катастрофалниот земјотрес во Скопје, низ годините имаше разни акции и иницијативи како „Нека победи Партизан“, па потоа и тие на организацијата „Културно Ехо“, меѓу кои и настанот „Партизан обединува“. За „Партизан“ беше објавена и јавна анкета, а идејните проекти беа изработени на волонтерска основа, од архитекти-членови на „Културно ехо“.

Салата во 2019 година е дадена на трајно користење на Општина Карпош. По реконструкцијата која ја изврши Агенцијата за млади и спорт, во декември салата е предадена во надлежност на Општината, но празна – без никакви реквизити, без греење и вентилација и без приклучоци на вода и струја. За да се стави во функција, со одлука на општинскиот Совет, во буџетот на Карпош за 2025 година беа обезбедени средства со што салата се опреми и во март беше отворена и во неа се одржаа ученички спортски натпревари.

Според општината, во последните години за салата се вложени 4 милиони денари.

И покрај тоа, Министерството за спорт, со образложение дека салата не се користи веќе година и пол, иницираше до Владата салата „Партизан 4“ да се одземе и да му се предаде на управување на Министерството. Тоа и се случи со одлука на Владата донесена на седница на 17 јуни, за што Општината беше информирана во почетокот на јули.

Оттогаш досега не запира незадоволството од општината, но и од локалците.