[Фото] „Застани и пропушти, не убивај“ – одржан протест против сообраќајното насилство

„Застани и пропушти, не убивај“, „Викторија можев да бидам јас или твојата ќерка“, „Сакаме слободно движење на пешачки премин“, „Биди совесен возач“, „Пешачки премин е 0 Зона“…

Ова се дел од пораките на транспарентите кои граѓани ги истакнаа на денешниот протест во скопската општина Карпош кај „Сити Мол“, каде на 20 јануари животот го загуби младата Викторија Николова.

Носејќи црни маици со нејзиниот лик, семејството на Николова, пријателите, локални жители и разни активисти се собраа на раскрсницата на „Партизанска“ барајќи да престане сообраќајното насилство, а властите да преземат сериозни мерки и да се спроведуваат построги казни.

На блокираниот булевар имаше обраќања, а присутните можеа да запалат и свеќа во сеќавање на прегазената девојка.

Лилјана Николова, нејзината сестра, рече дека ударот на Викторија и сите кои не’ напуштија на овој начин е удар врз сите нас.

„Да не бидете како нас, празна гора без дрвја. Отворете ги очите и белите линии на пешачкиот премин нека бидат аларм дека овде минува живот, како што овдепомина и замина нашата Викторија“, рече таа.

Според Петранка Костадинова, во последните години, а посебно во последните денови се загубија многу животи поради нечие невнимание.

„Како рамноправни граѓани на оваа држава имаме право да бараме правдата да биде задоволена. Како и секоја награда, така треба да биде и казнето секое лице кое дејствувало во спротивно според Уставот, секое лице кое одземало нечиј живот. Затоа што никој, ама баш никој на овој свет не смее да одлучува до кога ќе живее Викторија, до кога ќе живеам јас или вие. Сепак зборуваме за демократична држава. Да го спречиме тоа силување во сообраќајот. Да престанеме да се однесуваме како да имаме други животи“, кажа Костадинова пред присутните.

Адвокатот на семејството на загината, Владимир Михајловски нагласи дека протестот е мирен, бидејќи некогаш повеќе зборува самиот молк.

„Апелот е да се почитуваат сите сообраќајни знаци. Законот е тука да дејствува на веќе сторено дело. Превентивата е онаа која треба да ги заштити оние што веќе не се заштитени како Викторија и претходните жртви. Апелот е сите ние кои сме дел од сообраќајот, овие пешачки премини и тротоарите да бидат најбезбедни. За жал, категоријата граѓани жртви на сообраќајни несреќи, особено како пешаци се најчесто млади, студенти или повозрасните пензионери“, забележа Михајловски.

Дека тука на „Партизанска“ се случуваат многу несреќи зборуваше Томислав Неделковски, локален жител од околните згради кај „Сити Мол“. Тука го поминал целиот свој живот, рече тој, нагласувајќи дека се изнагледал сообраќајки, скршени коли, повредени и трагично загинати луѓе.

„Апелирам до надлежните, ако веќе не може со физичко присиство на полицијата, а камерите не помагаат, нека се постават лежечки полицајци пред секој семафор и на секој пешачки“, нагласи тој.

Апели упати и Ефрим Здравевски. Раскажа дека истиот ден кога се случија сообраќајката со Викторија, самиот минувал на истиот семафор.

„Не е исправен семафорот, не светеше црвеното за пешаците. Значи, требаше да го толкувам семафорот кога треба да поминам, а кога не треба да поминам?! А, после три часа ова се случи. Како може на вакви сообраќајници кога во нормални услови е многу гужва, овде во таков период да има трепкачко светло!?, праша тој.

Исто така, потенцираше дека генерално сообраќајната култура е на многу лошо ниво, па оттука и барањето за повисоки казни. Според него пешаците се во подредена положба, а државата не си ја врши работата како што треба.

„Ако поминете по улицата ‘Јуриј Гарагин’ кај Министерство за економија има контејнери колку цели комбиња кои се веднаш до пешачкиот семафор! Зошто е тоа дозволено? Ако некој паркира кола, тој ја нарушува прегледноста и има казни. Тие казни никој не ги спроведува, туку уште и ја отежнуваат работата со несоодветно поставување други работи. Понатаму, ако продолжите по ‘Народен фронт’, таму имаше лежечки полицајци, но последните избори со асфалтирање на улици и тие се уништија. Проблемот не е само полицијата, туку од повисоко ниво да се тргне и воспоставува режим. Ова е недопустливо“, констатираше тој.

 

Текст и фото: Бојан Шашевски