Париз изгласа да се забранат е-тротинетите на изнајмување

Парижаните на референдум одлучија да се забранат електричните тротинети на изнајмување во градот, во чекор кој претставува голем удар на операторите со е-тротинети и победа на активистите за безбедност на патиштата.

На вчерашното гласање речиси 90% од граѓаните ја поддржаа забраната и покрај многу ниската излезност од само 8% од граѓаните кои можеа да гласаат на референдумот. Од вкупно 1,38 милиони граѓани во избирачкиот список, само 103.000 гласаа на референдумот. Од нив, 91.300 граѓани гласале против е-тротинети, покажаа официјалните резултати.

Гласањето беше организирано како одговор на зголемениот број инциденти во кои луѓе загинаа или беа повредени од е-тротинети во францускиот главен град.

Во Париз последните неколку години се појави загриженост поради начинот на кој некои луѓе ги возеа е-тротинетите – брзајќи низ сообраќајот, заобиколувајќи ги пешаците на тротоарите и возејќи и со брзини од речиси 30 километри на час. Е-тротинет можеше да се изнајми и од деца на возраст од 12 години, а често можеше да се види како возачите не носеа кацига. Дополнително граѓаните беа револтирани дека паркирањето на е-тротинетите правеше метеж на тротоарите, наменети за пешаци.

Во 2021 година 31-годишна жена беше убиена откако беше удрена од е-тротинет на кој се возеле две лица. Таа паднала и ја удрила главата од тротоарот по што доживеала срцев удар. Сепак, операторите со е-тротинети тврдеа дека овие возила сочинуваат само мала пропорција од вкупниот број на сообраќајни несреќи во градот.

Градоначалничката на Париз, Ана Хидалго, повика на одржување референдум на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат дали граѓаните се за или против е-тротинети кои се нудат на изнајмување. Од гласањето по забраната беа исклучени ваквите превозни средства кои се во приватна сопственост.