Пакомак го отвори пријавувањето за еколошкиот конкурс „Trash for Art 2026“, со кој и оваа година ги повикува сите еко-свесни граѓани да ја преточат креативноста во уметност создадена од отпад. Станува збор за традиционален награден конкурс што има за цел да ја подигне јавната свест за правилното селектирање и рециклирање на отпадот, поттикнувајќи ги учесниците преку креативен израз да испратат силна порака за заштита на животната средина.

Испратените уметнички дела треба да бидат изработени од најмалку 10 парчиња амбалажен отпад, од ист или од различен тип, и да не надминуваат висина од 150 сантиметри.
Конкурсот е отворен за сите заинтересирани, а делата ќе се натпреваруваат во три категории: градинки, основни училишта, како и поединци и други организации. Во секоја категорија ќе бидат доделени по три парични награди – 30.000 денари за прво место, 20.000 денари за второ и 10.000 денари за трето место.
Годинава конкурсот воведува и две специјални награди. Првата е наменета за дела изработени од електронски отпад или отпадни батерии, составени од најмалку три делчиња електронски отпад. Наградниот фонд за оваа категорија е идентичен како и во главните категории.
Втората специјална награда ќе биде доделена за најдобрите дела изработени исклучиво од амбалажа на Алкалоид, кој годинава е специјален учесник и поддржувач на „Trash for Art 2026“, испраќајќи силна порака за заедничка грижа за почиста животна средина.
Пријавувањето трае до 17 март, а делата треба да се достават на 16 и 17 март 2026 година, од 9:00 до 18:00 часот, во локалот „Лабораториум“, лоциран зад Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“.
Повеќе информации за конкурсот се достапни на веб-страницата www.pakomak.com.mk и на социјалните мрежи на Пакомак.



