Пакистан се бори против загадувањето со вештачки дожд

Во главниот град на источната провинција Пунџаб, близу до границата со Индија, воздухот е екстремно загаден, а го дише популација од 13 милиони лица која континуирано расте.

Месецов, воздухот во Лахоре е толку загаден, што училиштата, маркетите и парковите беа затворени неколку дена. При последните декемвриски мерења, индексот на квалитетот на воздухот стигна нивоа според кои се смета дека е опасен по здравје.

Со цел да се зголеми квалитетот на воздухот, пакистанските власти употребија технологија со која беше создаден вештачки дожд на 10 локации во градот со цел да се намали загадувањето. Властите за таа цел употребија мал авион „Цесна“.

За да се создаде вештачкиот дожд, во облаците во долниот дел од атмосверата треба да има доволно влага. По неколку часа, маглата се спојува со облаците и почнува да врне дожд.

Практиката за создавање вештачки дожд досега е искористена во повеќе земји од Блискиот Исток, како Кина и Индија.

Билал Афзал, министерот за животна средина, изјавил дека замислата била успешно изведена, но посочил дека квалитетот на воздухот во Лахоре се подобрил само на неколку дена, а потоа загадувањето се вратило на првичното ниво.

Афзал истакнал дека властите планираат редовно да го прочистуваат воздухот со вештачки дожд, особено во зима.

Климатските експерти предупредуваат дека ефектите од вештачкиот дожд може да бидат непредвидливи.

Гулам Расул, Шефот на програмата за климатски промени на Меѓународната унија за зачувување на природата и поранешен генерален директор на Пакистанскиот метеоролошки оддел, вели дека „вештачкиот дожд може да доведе до град или пороен дожд“. ,

Според него, тоа не е одржливо решение и може да создаде суша, па со тоа маглата и смогот да станат уште поупорни.