Западен Балкан е најзначајната зона на депопулација во Европа со ниски стапки на наталитет и со поголема емиграција од имиграција. Четири земји во регионот се меѓу првите 20 во светот со најголем пад на населението. Еден од главните проблеми е отсуството на точни и ажурирани податоци за емиграција, како и тоа што земјите немаат официјален регистар на населението.
Ова го покажува анализата на Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ), каде е посочено дека населението на Западен Балкан постојано се намалува од 1990 до 2021 година.
„Различни студии и извори на податоци покажуваат дека речиси сите земји од Западен Балкан доживуваат обемна емиграција во странство, што ја доведува во прашање релевантноста на достапните податоци, како и целосната регистрација на луѓето што емигрираат од земјите од Западен Балкан“, истакнуваат од ЦРПМ.
Врз основа на проценката од податоците на UNDESA, Босна и Херцеговина и Албанија се земјите со најголем број мигранти во странство – 49% и 44%, соодветно, од вкупното население, по што следат Македонија и Црна Гора со 34% и 21%, соодветно, додека Србија е земја со најмал број – 15% од вкупното население.
„Високите нивоа на политичка нестабилност и корупција, изгледите за вработување во однос на подобри плати и услови за работа, но и копнежите за постигнување повисок животен стандард се фактори на туркање за миграција на работна сила, што доведува до тренд на депопулација во Западен Балкан. Ова е особено применливо за младите луѓе кои се соочуваат со тешкотии од сиромаштија, невработеност и социјална исклученост“, посочуваат од ЦРПМ.
Според проценките од 2023 година на авторката Армас, помеѓу 2020 и 2050 година населението во Македонија ќе се намали за 11%, во Србија за 19%, во Босна и Херцеговина за 18,2%, а во Албанија за 16%.
„Брзиот пад на населението делумно се должи на падот на стапките на фертилитет што беше во согласност со трендовите во Западна Европа. Процентите може да варираат во зависност од земјата, но трендот на намалување на населението е заеднички за сите земји од Западен Балкан“, пишува ЦРПМ.
Според анализата, ниските стапки на фертилитет го истакнуваат напредокот на природната депопулација во регионот и многу ниската стапка на суб-замена. Сите земји од Западен Балкан се далеку под прагот од 2,1 деца по жена, што е неопходно за демографска обнова. Па затоа, во просек, стапката на фертилитет во регионот е само 1,5, ниво слично на просекот на ЕУ, но пониско од она во неколку земји од Централна и Источна Европа.
Сепак, стапката на фертилитет во 2023 година беше под 1,37 во Босна и Херцеговина, 1,47 во Северна Македонија, 1,55 во Албанија, 1,42 во Србија и 1,74 во Црна Гора.
„Ситуацијата не се подобри значително во последните години. Стапките на фертилитет во 2021 година за сите земји од Западен Балкан се загрижувачки, особено за Босна и Херцеговина, чии TFR се под 1,3; поконкретно, во 2021 година, Босна и Херцеговина имаше најниска стапка на фертилитет во светот од 1,26“, истакнуваат од ЦРПМ.
Тие велат и дека разбирањето на морталитетот е релевантно за креаторите на политиките за да предложат и дизајнираат решенија за одржливи државни пензиски реформи и буџетски трансфери или за да се справат со разликите меѓу социоекономските групи.
Според ОН, од 1990-тите години, очекуваниот животен век при раѓање значително се зголемил во регионот на Западен Балкан, достигнувајќи 79,6 години во Албанија, 77,9 години во Босна и Херцеговина, 77,4 години во Македонија, 77,1 во Црна Гора и 76,8 во Србија во 2023 година.
„Покрај намалувањето на стапките на наталитет, регионот на Западен Балкан страда од емиграција генерирана од воен конфликт и економски тешкотии. Природната рамнотежа на Западен Балкан е слична на просекот на ЕУ. Овие два региона се разликуваат во однос на нето миграцијата, односно разликата помеѓу бројот на емигранти и бројот на имигранти“, пишува во анализата.
Во многу земји од ЕУ, стои таму, нето миграцијата не успева да го избалансира поголемиот број на смртни случаи отколку раѓања, но во сите земји од Западен Балкан, нето миграцијата е значително негативна.
ЦРПМ спроведува анализа на демографската динамика во Западен Балкан, со посебен фокус на Албанија, Босна и Херцеговина и Македонија, при што тимот ќе собира примарни податоци и ќе спроведува економско моделирање за да процени како променливите демографски трендови ќе влијаат врз одржливоста на финансиските, здравствените и системите за социјална заштита. Врз основа на овие докази, тие ќе достават навремени и практични совети за политиките.