Отворена петиција за Кожуф да се прогласи за национален парк

„Градоначалниците на Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, заедно со осум еколошки и планинарски друштва, поддржани од професори од ПМФ, покренаа иницијатива за доделување статус на национален парк на планината Кожуф“, се вели во онлајн петицијата која се шири по социјалните мрежи.

Во неа пишува дека со површина од 893 километри квадратни и сместена во општините Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, планината Кожуф може да се пофали со неспоредлива биодиверзитет, геолошка уникатност и културно значење.

И покрај тоа што Кожуф била занемарена да се заштити во изминатите осум децении, иницијаторите велат дека петицијата има за цел да го исправи тоа и да обезбеди зачувување на ова меѓународно богатство.

„Со потпишувањето на оваа петиција, вие придонесувате за колективниот глас кој бара брза акција од нашите институции. Прогласувањето на планината Кожуф за национален парк не е само за зачувување – тоа е катализатор за економски и социјален развој во регионот и во целата земја. Отпочнувањето на активностите за изработка на Студијата за валоризација на националниот парк оваа година претставува критичен чекор кон крајната цел. Придружете ни се во залагањето за признавање на планината Кожуф како Национален парк, зачувување на нејзините природни чуда за идните генерации и поттикнување одржлив развој на нашата заедница. Ајде да (пот)пишуваме историја заедно!“, стои во онлајн петицијата.