„Вторникот е за отварање со плочите на Владимир Муратовски. А овој вторник имаме посебен момент за отварање, а тоа е промоција на изданието „Журнал на бучава“ на Сара Кубел која беше на резиденција во Партизанска штампа во изминатите три месеци. Ја испраќаме во светот со љубов преточена во сито печат, затоа не се стискајте, дојдете во ‘Ла Кања’ да се отвориме“, стои во најаватa на Партизанска штампа за утрешниот настан од 21 часот.
Сара Кубел посочува дека „Журнал на бучава“ е книга која го следи нејзиното искуство во Македонија, каде бидејќи не можела да го разбере јазикот на кој луѓето зборуваат, на почетокот се’ и’ звучело како бучава, постепено се научила да слуша повеќе, звуците и’ станале блиски и дел од нејзиниот секојдневен живот.
„Оваа книга е визуелна интерпретација на звуците од секојдневието во Македонија – гласови, лаење, мрчење, плачење, музика, шумови од природата или тишина. Секој звук носи различно чувство, место или момент. Црвената е енергија. Плавата е смиреност. Зелената е задоволство. Виолетовата е авантура. Благодарна сум за луѓето кои ги запознав тука“, посочува Сара пред настанот.