Регионалниот стационар „Шепа“ за хуман третман на бездомните миленици за девет општини (Свети Николе, Лозово, Чашка, Велес, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија) со седиште во Кавадарци, населба Глишиќ, вчера (2 мај) беше официјално пуштен во функција.
„Ќе има згрижување на 67 миленици во делот на боксови, меѓутоа ќе ја имаме и Ветеринарната клиника за нивен прием, преглед, кастрација, чипирање, лекување и понатамошно социјализирање на самите домашни миленици, или оние кои се бездомни миленици низ нашите општини“, рече Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци, кој го посети стационарот со неколку градоначалници и функционери.
Според него, се работи за проект од големо значење, пред сѐ бидејќи е регионален и опслужува повеќе општини.
„Сите девет општини тука ќе ги обавуваат потребите за бездомните (кучуња), но и за оние (сопственици) кои поседуваат свои миленици. Ова е инвестиција од околу милион евра – заедно со планскиот Вардарски регион, со сите општини и со Швајцарската амбасада – средства со кои се изгради овој Регионален стационар“, потенцираше Јанчев.
Како што кажа тој, со градење на вакви центри, битно е граѓаните „да не очекуваат дека од утре нема да има кучиња на улица“.
„Туку дека тие кучиња ќе бидат кастрирани, прегледани, вакцинирани и чипирани. Целта на овие центри е неконтролираното разможување, без разлика дали е во домашни или надворешни услови – да биде на некој начин во контрола. Па така, во текот на наредните години ќе немаме кучиња или мачиња бездомници“, посочи тој.
„Со ова ќе се реши долгогодишниот проблем на Свети Николе, притоа обезбедувајќи хуман третман и за бездомните кучиња“, дополни градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев.

Принтскрин од видеото на Регионална телевизија КТВ Кавадарци
Истовремено, од Здружението за помош на животните „Лина спаси живот, добиј живот, помогни на животните“ – Кавадарци реагираат дека воопшто немале можност да произнесат видување за хуманиот третман, ниту пак да ги искажат напорите за најголемиот извор на бездомните миленици – несовесните сопственици и неказнивоста, односно нефункционирањето на Законот за благосостојба на животните.
„Почитувана директорке, премиере, градоначалници, ви се обраќаме со предлог за унапредување на соработката помеѓу нашите здруженија и стационарот под ваша надлежност, во рамки на спроведувањето на програмата ‘Залови – Стерилизирај – Врати’. Нашата крајна цел е воспоставување на хуман и одржлив систем за управување со популацијата на напуштени кучиња, со целосна почит кон нивната добросостојба, како и зачувување на јавниот ред и безбедноста“, велат од Здружението.
Како што наведуваат од „Лина“, соработката е клучна за подобрување на грижата за животните, членовите на здружението се обучени и имаат долгогодишно искуство со нега, третман и рехабилитација на животни. Исто така, според нив, присуството на здруженијата во процесите на заловување стерилизација и повраток создава доверба кај јавноста и спречува можни злоупотреби.
„Преку теренска работа и кампањи, активно работиме на вдомување на животни кои не се соодветни за враќање на терен, што директно го намалува бројот на животни во стационарите. Обезбедуваме и едукативни кампањи за стерилизација, одговорно сопствеништво и подигање на јавната свест за правата на животните. Преку волонтерски ангажман, донации и сопствени ресурси, придонесуваме за подобрување на условите во стационарот и намалување на трошоците“, истакнуваат од здружението за заштита на животни.
Дополнително, оттаму особено охрабруваат вработените во стационарот и во општинската администрација, кои се директно поврзани со работата со животни, да бидат активни членови на здруженија за заштита на животни, затоа што, како што посочуваат, тие имаат поголема емпатија и свест, професионално се развиени, подобро комуницираат и се координираат.
„Со ова, предлагаме овозможување на редовно присуство на претставници од нашето здружение во стационарот, воспоставување на работна група составена од претставници на стационарот, општината и здруженијата и потпишување на меморандум за трајна и формализирана соработка“, апелираат од „Лина“.
Оттаму додаваат и дека стојат на располагање за состанок, со цел да ги договорат наредните чекори и начинот на реализација. Меѓудругото, бараат и стапување на сила на предлог-измените во Законот за заштита и благосостојба на животните, да се активираат повеќе надлежни институции во соработка во Агенција за храна и ветеринарство за да се спречат нови неконтролирани размножувања, казните кон неодговорните сопственици да бидат повисоки и парично и со затвор до три години за оние кои мачат или убиваат немоќни и невини животни.
Исто така, од здружението ја нагласуваат потребата да се легализира лекот Милтефоран во државата, со што Лишманијата како болест ќе може да се терапира и лекува, да се исклучи од закон оваа болест како причина за еутаназија, со што многу миленици кои се позитивни ќе може да се лекуваат исто како во сите европски и светски држави.
Бараат и да се зајакнат теренските акции на надлежните кои ќе казнуваат и санкционираат луѓе кои повредуваат животни или ги напиштаат, да се воведе полиција за кучиња во цела држава како орган кој ќе ги штити животните и ќе се грижи за нивната благосостојба, а воедно ќе бидат заштитени и самите граѓани.
„За да можеме детално да ги разгледаме и да дискутираме на овие теми ве молиме да ни овозможите да имаме состанок со вас господин премиер Христијан Мицковски, вклучувајќи ги и сите надлежни и засегнати страни“, порачуваат од „Лина“.

Фото: Градоначалник на Свети Николе Дејан Владев / Фејсбук
Како потписници на соопштението стојат и здруженијата „Шепи 2021 Кавадарци“ и „Срце за животните Тиквеш“.
Инаку, стационарот „Шепа“ е изграден во рамки на проектот за „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.
Ангела Петкова и Бојан Шашевски