Отворен повик за редизајн на пустинскиот град во кој се одржува фестивалот „Burning Man“

Организаторите на еден од најинтересните светски фестивали, „Burning Man“, кој се одржува од 1986 во пустина во американската држава Невада, бараат архитекти кои ќе го редизајнираат пустинскиот град кој ги вдомува посетителите на фестивалот, Блек Рок Сити.

Актуелниот изглед на градот датира од 1997, а повикот е упатен кон сите светски архитекти. Избраните на конкурсот ќе треба да направат нов урбанистички план за фестивалскиот град,  кој би ја задржал сегашната петтоаголна форма и би се протегал на истиот простор. Архитектите ќе треба и да го задржат фокусот на скулптурата „Човекот“ (The Man), како и на главниот простор, „Храмот“ (The Temple). Во барањата на конкурсот се и големи отворени простори на кои ќе се одржуваат познатите уметнички инсталации, како и дизајн на просторот за кампување.

Уште од неговите почетоци, кога се одржувал на плажа во Калифорнија, „Burning Man“ е познат по негувањето на експерименталните уметнички форми, но и по музиката, која секогаш е во чекор со времето. Погледнете ги сликите од минатогодишното издание на фестивалот, кој секоја година го посетуваат околу 70.000 луѓе.