Отворен нов повик за млади европски амбасадори

Повикот за аплицирање за млади европски амбасадори е објавен на 20 мај, на webalkans.eu. Можат да аплицираат сите млади лица на возраст од 18 до 29 години од регионот на Западен Балкан.

Како што информира Делегацијата на ЕУ во земјава, младиот европски амбасадор е млад активист кој се гледа себеси како добар говорник, подготвен да ги сподели вредностите на ЕУ, да учествува во проекти и настани поврзани со ЕУ интеграцијата, заштита на животната средина, човековите права, уметноста и културата и новите технологии.

Апликациите се отворени до 30 јуни. Сите заинтересирани можат да ја посетат веб-страница webalkans.eu/yea/become-a-yea/ за повеќе информации за процесот на селекција, како и условите и правилата за учество.

Платформата Млади европски амбасадори (YEA) е креативна мрежа на млади активисти од целиот Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Целта на мрежата е споделување на вредностите на ЕУ и подигнување на свеста за соработка на ЕУ со нејзините партнери од Западен Балкан, прикажување на видливи резултати од оваа соработка, придонес кон политичкиот дијалог на различни теми, поддршка за зголемување на граѓанскиот активизам и заедничката работа за подобра иднина.

Со цел да им помогне на потенцијалните амбасадори при аплицирањето, WeBalkans организира отворени денови на YEA низ регионот, каде нивните колеги кои се веќе членови на мрежата, ќе ги споделат сите релевантни информации за YEA мрежата и ќе помогнат во процесот на аплицирање.

Организатори на отворените денови на YEA ќе бидат Europe Houses/ ЕУ Инфо центрите и Делегациите/ канцелариите на ЕУ од регионот на Западниот Балкан и секој заинтересиран може да присуствува на кој било настан. Амбасадорите ќе организираат и онлајн сесија на отворениот ден на YEA на која младите ќе можат слободно да се приклучат и да поставуваат прашања.