Отворен нов центар за дневен престој на деца со попреченост во Струмица

Вчера во Струмица официјално започна да работи новиот Центар за дневен престој на деца со попреченост, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Во центарот за деца со попреченост, како што најавија оттаму, ќе се спроведуваат разновидни активности како и услуги со индивидуален третман. Услугите ќе ги спроведува здружението за поддршка во развојот и специјална едукација и рехабилитација на децата – Едупрактика која заедно со општина Струмица доби грант за развој на оваа услуга.

„Центарот е наменет за вкупно 44 корисници – деца со попреченост од 3 до 14 години. Од нив, односно 24 деца, ќе можат да ги користат услугите за дневен престој, а останатите ќе имаат можност за индивидуален третман. Активностите во дневниот престој и индивидуалните третмани ќе ги спроведуваат тим од 10 вработени, составен од стручен персонал и негуватели“, посочуваат од министерството.

Инклузијата и поддршката на родителите на деца со попреченост се еден од клучните темели на социјалната реформа, велат од МТСП, додавајќи дека центарот е во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството , со поддршка од Светска Банка. Центарот е трет од ваков тип кој се отвора во рамки на проектот.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска посочи дека навистина се охрабрувачки пораките од родителите на децата со попреченост кои ги посетуваат центрите и посочи дека е значаен напредокот кој го забележуваат кај нивните деца.

„Посветеноста на стручниот персонал, обезбедувањето на индивидуален третман согласно потребите на дечињата им овозможува полесно вклучување во образовниот процес. Нашата заложба како Влада и како Министерство е овозможување на услови и можности за децата со попреченост, со што ќе им помогнеме на родителите, на децата и на заедницата. За мене, секој новоотворен центар за дневен престој на лица со попреченост претставува чекор кон остварување на таа заложба“, посочи Тренчевска.

Од здружението Едупрактика истакнаа дека овој тип центри во кои се предвидени комбинирани услуги, односно дневен престој за децата, како и индивидуални третмани кои ги спроведуваат стручни лица, значајно го подобруваат напредокот на децата со попреченост и придонесуваат кон нивна социјализација и инклузија.

Во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги досега се поддржани разновидни услуги преку 34 проекти кои се спроведуваат во 41 општина, посочија од МТСП.

„Покрај центарот за дневен престој за деца со попреченост, се обезбедуваат и услуги за помош и нега на стари лица во домот, дневни центри за стари лица и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а ќе бидат опфатени повеќе од 1200 корисници“, додаваат од министерството.