Отворен е повикот за наградата „Денес 2025“

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје го објавува отворениот повик за наградата „Денес 2025“ за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во Македонија до 35 години.

Наградата се доделува на годишно ниво на, како што велат од ФРУ, исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид.

„Оваа значајна и независна награда, која се доделува по деветнаесети пат во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited, вклучува и други новини и резиденции. ‘Денес’ исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен ‘Совршениот уметник’, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата“, истакнуваат од ФРУ.

Отворениот повик трае до 31 мај, а резултатите за тројцата финалисти ќе бидат објавени на 9 јуни. Апликацијата се пополнува на македонски и англиски јазик. Нецелосните апликации, како и апликациите кои ќе бидат испратени по крајниот рок нема да бидат прифатени или земени предвид. Апликацијата може да ја отворите на линкот.

„Финалистите на наградата ќе ја отворат изложбата на 2 декември во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ‘Денес’, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот февруари – март 2026 година“, додаваат од организацијата.

Досегашни добитници на „Денес“ се Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

Инаку, ФРУ ја доделува наградата во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), „Residency Unlimited“, Њујорк, „Trust for Mutual Understanding“. Повеќе за „Денес“ на следниот линк.