Отворен ден на „Дрисла“: Не се совпаѓаат количините на пријавен и согорен медицински отпад

„Четири фирми имаат дозвола за собирање и транспорт на медицински отпад и редовно се прави контрола на нивното работење. Дрисла е единствената депонија во Македонија која има концесија за согорување на медицински отпад. Здравствените институции, согласно законот се обврзани до Министерството за животна средина да пријават колку медицински отпад создале. Во 2018 година здравствените институции пријавиле 735 тони медицински отпад, а во Дрисла бил согорени 989 тони, што е разлика од 254 тони. Количините на пријавен и согорен отпад ниту една година не се совпаѓаат, а тоа е показател дека не се знае колку точно медицински отпад се создава во Македонија.

Ова беше речено на денешниот отворен ден на „Дрисла“, каде зборуваа луѓе од неколку институции, откако вчера Град Скопје објави за случај каде наместо термичка обработка и стерилизација, медицински отпад несоодветно се обработувал, а потоа завршувал на депонијата „Дрисла“ како обичен отпад.

Хусни Тачи, раководителот на Инспекторатот за животна средина за скопскиот регион, тврди дека тие постојано вршат контроли. Сепак, не даде одговор колку пати во 2019 година се извршени контроли на фирмата „Еко клуб“ и на останатите три кои имаат лиценца за транспорт на медицински отпад.

„Во оваа фирма ние на 19 декември извршивме контрола и не констатираме никакви неправилности“, рече Тачи.

На прашањето како е тогаш можно Град Скопје неколку дена претходно да констатира несоодветно третирање на отпадот, Тачи одговори: „Прашајте ги нив како влегле таму, тие не се надлежни да влезат во погонот. Дали ги отстраниле неправилностите не знам. Ние кога дојдовме таму немаше отстапувања“, рече Тачи.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов веќе изјави дека повеќе од педесетина дена чекаат од обвинителството да преземе мерки и побара веднаш да отвори истрага за случајот, а Министерството за животна средина да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад. Министерството потоа соопшти дека е побаран вонреден инспекциски надзор во компанијата „Еко клуб“ од Битола.

Шилегов денес нагласи дека од 20 јунуари Град Скопје повторно е сопственик на „Дрисла“, со што, вели тој, конечно е ставена контрола врз депонијата.

„Во моментов, овде во „Дрисла“ по мој налог се врши внатрешна ревизија со цел да ги видиме сите движења на финансиите. Наидуваме на чудни работи, луѓе коишто живеат во Австралија се воделе како вработени овде и им била давана плата.  Работиме и на тоа да ја оспособиме машинеријата што ја имало јавното претпријатие пред да стане приватно со цел трошоците за изнајмување градежни машини што било пракса во минатото да ги избегнеме или намалиме“, нагласи тој.

Според Шилегов, заедно со тимот и со директорот Коста Начевски се во разработка на план за набавка на нов стерилизатор. Според очекувања на Шилегов, стабилизаторот може да биде ставен во употреба во април годинава и да се доврши договорот, кој, вели тој, никогаш не бил реализиран од приватните партнери.

„Во разговори сме и за гасовите што се создаваат овде, да биде изградена постројка со која од тие гасови ќе се произведува електрична енергија. Мојата идеја и цел е со инвестиции во овој дел и со инвестиции во пречистителната станица за отпадната вода ‘Дрисла’ да стане првата санитарна депонија во нашиот град“, рече Шилегов, тврдејќи тој како градоначалник е гарантот за исправноста на идното работење на „Дрисла“.

В.д. директорот на „Дрисла“, Коста Начевски рече дека е задоволен од досегашната работа на „Дрисла“ и верува дека за брзо време ќе се видат позитивните резултати од работењето.