Отворање на изложбата „Мигновение“ во КИЦ

Изложбата на слики „Мигновение“ од Костадин Танчев – Динка ќе биде отворена во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје во вторник (17 октомври) во 20 часот.

Костадин Танчев студирал на Академијата за применета уметност во Белград, а по завршувањето на првиот степен, по препорака на Универзитетскиот совет на Белградскиот универзитет во текот на 1963-1964 година престојувал на специјализација во Лондон. Од 1985 година е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники. Автор е учесник на многубројни самостојни и групни изложби од областа на ликовната уметност и дизајнот од домашен и меѓународен карактер. Добитник е на повеќе награди и признанија за своето творештво во ликовната уметност и дизајнот, вклучувајќи и високи општествени награди и признанија. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1971 година и во два мандати е избран за претседател на друштвото.

Изложбата ќе биде поставена до први ноември годинава.