Отворање на изложбата „Градски импресии“ во КСП Центар Јадро

Самостојната излжба на акварели „Градски импресии“ од Елизабета Костова ќе биде отворена во четврток (8 февруари) во КСП Центар Јадро во 20 часот.

„Акварелните решенија на Елизабета Костова претставуваат витални и флуидни репрезентации кои осцилираат помеѓу реалното и фантастичното. Во нив се остварува прониклив дијалог меѓу виденото и споменот од чија интеракција произлегува специфичниот колорит осветлен од меморијата. Низ оваа прошетка во урбаната средина формирана од колоритни фрагменти си спомнуваме за периоди од нашето животно патешествие. Тоа се впечатоци кои нè водат низ енигмата на сеќавањата, нивната веродостојност, одржливост и променливост предизвикани од временските интервали на субјективното поимање. Но, во подемот на вештачката интелигенција и наметливата информатичката презаситеност до кој степен опстанува памтењето за светот како лично искуство? Дали тоа сè почесто се истиснува и заменува со видувањата на колективната свест создадена на социјалните мрежи? Напорот кој го прави Елизабета е да ја зачува сликата на едно секојдневие кое додека се виртуализира сè помалку ни припаѓа лично и ги губи контурите на нешто допирливо и човечно“, пишува Васко Ѓоѓиев застапник на Друштвото на ликовни уметници во Битола.

Eлизабета Костова дипломирала на Филозофскиот Факултет во Љубљана, отсек психологија. Реализирала повеќе самостојни изложби во Дом на АРМ, Скопје (1989 и 1991 г.), Галерија на ДЛУМ, Скопје (2002 г.), во Домот на култура Иван Мазов – Климе, Кавадарци (2020 г.), како и во Галерија КО-РА, Скопје (2019, 2020 и 2023 г.) Исто така учествувала на и на повеќе групни изложби.