Отворање на изложба на макети, диорами и минијатури вечерва во КСП Центар Јадро

Клубот „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ организира 7. изложба на макети, диорамии минијатури и 40. „Куп Скопје“, кои ќе траат три дена, од 1 до 3 март.

„Публиката ќе може да погледне макети изработени од домашни и странски изложувачи и да проследи меѓународен натпревар по пластично макетарство на кој ќе учествуваат макетари од Србија, Грција и Турција. Посетителите ќе имаат можност да видат макети изработени од меѓународно признати и наградувани автори, макети во разни категории и типови на воздухоплови, воена техника, научна фантастика, историски диорами, минијатури и сл.“, се вели во најавата за настанот.

Тродневниот настан ќе се одржи во следниве термини:

  • Петок (1 март) од 20ч. – отворање на изложбата
  • Сабота (2 март) од 10 до 20ч.- изложба
  • Недела (3 март) од 09 до 16ч. – натпревар на кој ќе бидат наградени макети во 20+ категории и затворање на изложбата.

Специјална награда „Мајор Михајло Ивановски – Микс“- „Best of Luftwaffe“ – се доделува на најдобрата макета од било кој размер со ознаки на германското Luftwaffe од Втората Светска Војна (во чест и сеќавање на Мајорот Михајло Ивановски -Микс)
„Best of show“ награда – се доделува на најдобрата макета на натпреварот.

Клубот „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ е основан од група ентузијасти кои првата самостојна изложба ја одржале во 2014 година во Скопје, а една година подоцна го основаат и клубот. Оваа година е 10 годишнина од оддржување на првата изложба. Клубот за промоција и афирмација на макетарското хоби „Мајор Михајло Ивановски – Микс“ го носи името на еден од основачите и доајени на макетарството во Македонија кој беше воен пилот и ненадејно почина 3 месеци по основање на клубот. Клубот секоја година учествува на голем број меѓународни натпревари во регионот и пошироко.