Инспирирана од симболиката на отровните стрели, инсталацијата поставена денеска на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец во центарот на Скопје го прикажува говорот на омраза како невидливо, но моќно оружје што повредува. Идејата е, велат од Центарот за современи уметности, граѓаните да се потсетуваат дека зборовите можат да бидат опасни.
„Во центарот на инсталацијата е поставено човечко лице со широко отворена уста, од која излегуваат ‘отровни’ стрели — симболична претстава на зборовите што креаторите на говор на омраза ги користат за да навредат, повредат или омаловажат. Со димензии 1,4 х 1,2 метри и изработена од рециклирани метални материјали (лим, профили, арматури), оваа скулптурна композиција привлекува внимание со својата впечатлива форма и силна симболика“, истакнуваат од Центарот.

Фото: Центар за современи уметности
На подножјето стои јасна порака: „Говорот на омраза повредува“. Ова е, додаваат од Центарот за современи уметности, повик до сите нас да размислиме за последиците од нашите зборови, особено во време кога комуникацијата сè почесто се одвива во дигиталниот простор, а говорот на омраза станува сè поголем општествен проблем.
„Оваа уметничка интервенција има за цел да ја подигне јавната свест за штетните ефекти на говорот на омраза и да поттикне општествена одговорност, емпатија и почит кон другите“, посочуваат тие.
Акцијата е подготвена во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.