[Став] Омраза без граници: примерот на Западен Балкан

Онлајн просторот е плодна почва за говор на омраза кој претставува сè позагрижувачки феномен. Национализмот и ксенофобијата остануваат едни од најдоминантните мотиватори на голем дел од омразата, кој неретко преминуваат и во дела предизвикани од омраза. Само површен поглед низ социјалните мрежи, по одреден чувствителен настан, дава слика колку широко е распространета оваа појава.

Но, дали дискусијата за ширењето на онлајн содржините може да ја имаме во рамки на една земја? Додека националните случувања се доминанта причина за ширење на говор на Интернет, постои, исто така, и регионална перспектива што не можеме да ја занемариме. Тоа е особено релевантно во контекст на Западниот Балкан што претставува еден заеднички информативен простор, но со многу периферни сфаќања и локални перспективи. Покрај просторот на поранешна Југославија, овој заеднички инфомативен простор го сочинуваат и Албанија, Бугарија, па дури и Грција. Еден пример особено релевантен за нас, се континуираните провокатнивни изјави на бугарските власти за Северна Македонија. Тука, всушнот процесот на интеграција во ЕУ одигра парадоксална улога со што се повторно се отворија историски дебати што се сметаа дека се дел од минатото. Бугарското вето за преговорите на Северна Македонија, проследена со низата на навредливи изјави, доведе до раст на омраза меѓу двата народа. Покрај политичките импликации, овие изјави придонесуваат кон говор на омраза и во други области, како што видовме околу настапот на евровизискиот претставник на Северна Македонија.

Бидејќи секој ги поседува своите историски „вистини“ во услови на многу етнички поделби, Западен Балкан е регион каде што одредена чувствителна содржина на Интернет често предизвикува низ целиот регион. Се чини дека секоја информација што се споделува регионално може да се развива и да испровоцира реакција на национално ниво и да се наметне во локалниот дискурс.

Но, како национализмот и говорот на омраза патуваат низ државите од регионот и кој е вклучен во негово ширење? Друго интересно прашање што можеби треба да си го поставиме, е дали можеме да зборуваме за централизирана намера, амбиција на некој центар на моќ, или пак, само за ефект од неорганизирана активност на различни актери. Најверојатно сè по малку. Во рамки на анализата „Говорот на омраза како валута на национализмот: институционален одговор во Северна Македонија“ која ја подготвиве со колегата Миша Поповиќ со поддршка на Меѓународниот Републикански Институт, разгледуваме три типови на ширење на говор на омраза онлајн гледано. Поделбата е според тоа колкав дел од овој феномен претставува централизиран процес во кој се вклучени државни ентитети, а колку се работи за децентрализирана динамика и однесување на различни актери. Ова може да ни помогне да определиме со кои институции и останати чинители да работиме за да ги промениме состојбите.

Во првиот тип на динамика, влијанијето на државата е најсилно и постои силна централно-периферна динамика. Тоа се случува кога омразата се шири преку официјални изјави, симболични гестови или дури и закони кои создаваат поделби и на регионално ниво. Провокативни изјави на високи политичари за внатрешни работи во соседните земји често провоцираат омраза. Честите коментари на претставниците на српската влада за настани во Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, изјавите на бугарските власти за историјата во Северна Македонија или пак изјавите на албанската влада за случувањата во Србија, се таков пример, и тие често мотивираат говор на омраза на во целиот регион.

Во други случаи, постои побалансирана централно-периферна динамика при што медуми, политички емисии или спортски натпревари поттикнуваат говор на омраза. Во различни контексти, овие алатки имаат различно ниво на поврзаност со политичките центри. Сепак, овие субјекти се организирани и функционираат во даден регулаторен контекст, и како такви, тие се разликуваат од органската содржина на социјалните медиуми. Како мали медиумски пазари, содржината произведена на Западен Балкан честопати е наменета за регионалната публика. На пример, веб порталите и таблоидите од Србија честопати коментираат за внатрешните проблеми во соседните земји особено повразни со внатрешните етнички поделби. Овие „интервенции“ често се случуваат пред значајни настани во соседните земји, како што се референдуми, избори, како и важни геополитички процеси во регионот. Понекогаш, овие интервенции се и алатка на политичари кои се повеќе заинтересирани да го променат фокусот на домашната јавност во контекст на корупциски скандали. Карактеристика за овие текстови се сензационализмот, вулгарноста, и истите и неретеко содржат низа на дезинформации.

Конечно, постои и целосно децентрализирана динамика со првенствено органска содржина. Покрај традиционалните жаришта на говор на омраза како Фејсбук и Твитер, ТикТок станува сè попопуларна платформа. Земајќи ја предвид демографската дистрибуција на корисниците на ТикТок како првенствено претставници на популарно наречената генерација Z, загрижувачки е тоа и што оваа генерација се надоврзува на долго вкоренетата омраза и дополнително ја проширува на нови платформи. Ваквите трендови се дополнително забрзани од популарните личности кои со свои коментари и гестови ги продлабочуваат етничките поделби и мотивираат дополнителен негативен набој и сајбер омраза.

Спортските натпревари се, исто така, место од кое се шири омраза на регионално ниво. Илустративен пример на кој сé уште се сеќаваме е квалификацискиот дуел за ЕУРО 2016 во Белград помеѓу Србија и Албанија, каде што беспилотно летало го вееше знамето на Голема Албанија. Етничките Македонци и Албанци во Северна Македонија бргу се надоврзаа со коментари полни со говор на омраза, најчесто поддржувајќи различни страни во дебатата. Многу поскоро, коментарите на многу видеа поврзани околу настапот на македонската репрезентација на Европското првенство често изобилуваа со говор на омраза кој доаѓаше од корисници од целиот регион.

Она што го отежнува решавањето на прекуграничната сајбер омраза е тоа што институциите многу тешко можат да делуваат надвор од државните граници, а регионалните иницијативи се ретки и со ограничен ефект. Затоа, барем на краток рок, институционалниот одговор ќе мора да биде на национално ниво, а останатите актери со пофлексибилен мандат да се обидат да влијаат регионално. Меѓународните организации и граѓанското општество, вклучително и телата за саморегулација на медиумите, се тие кои можат да поттикнат регионални иницијативи. Ваквиот ангажман би го компензирал недостатокот на политичка волја, но и правните ограничувања што го оневозможуваат прекуграничниот институционален одговор. Овие иницијативи може да ја зголемат барем политичката одговорност на сторителите и да придонесат кон посочување на потребата за прекугранична институционална соработка при адресирањето на говорот на омраза во регионот.

Марко Панковски