„Откриј го столарот во себе“ – изложба на изработени предмети

Во организација на „Столарска едукативна работилница“, денес, на 11 октомври, ќе се одржи изложба на предметите подготвени во рамки на првата едукативна работилница за развивање на лични вештини – „Откриј го столарот во себе“, која цели да го намали отпадот од мебел индустријата во Скопје.

Со почеток во 19 часот, во просториите на Столарскиот едукативен центар (Пасворд продакшн), посетителите ќе имаат можност да ги видат сите чекори низ кои поминале учесниците во првата работилница.

„Од изработка на едноставен алат – блокче за брусење, свеќник, столче, гајбичка, па сè до мебел за домашни миленичиња – кутија за мачки и стол за во градина. Сите предмети се изработени од материјал кој е остаток од индустријата на мебел и со тоа, нешто што потенцијално би станало отпад е претворено во предмет но и вредно образовно искуство“, велат од „Столарскиот едукативен центар“.

Оттаму истакнуваат дека изложбата е од продажен карактер, а сите средства кои ќе се соберат од продажбата ќе бидат наменети за стипендирање (намалување на висината на котизацијата) на лица од социјално загрозени категории во некоја од следните Столарски едукативни работилници.

„Ова е одлична можност за сите потенцијални идни учесници во Столарската едукативна работилница да се запознаат со просторот, но и да поразговараат со некој од обучувачите или поранешните учесници и да се охрабрат да се пријават на тековниот отворен повик за пријавување на следната Столарска едукативна работилница“, дополнуваат организаторите.