Откриените планети слични на Земјата – предавање на Скопското астрономско друштво

„Џуџето и седумте планети“, е насловено предавањето кое во четврток ќе го одржи Скопското астрономско друштво. Темата е ѕвездата TRAPPIST-1, околу која гравитираат седум планети, а некои од нив се многу слични на Земјата и можеби поддржуваат живот, според објавата на НАСА од изминатава недела.

Предавањето за значењето, важноста и идните истражувања кои ги носи ова откритие, ќе почне во 20 часот, во амфитеатрот на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ.

„На 39 светлински години од нас, во насока на соѕвездието Водолија се наоѓа бледа ѕвезда – црвеното џуџе TRAPPIST-1, околу кое минатата година најпрво беа откриени три, а потоа уште дополнителни четири планети. Ова немаше да ја предизвика возбудата од минатите неколку дена, откако беше објавена информацијата (впрочем, екстрасоларни планети биваат откриени скоро секојдневно), доколку сите седум планети не беа карпести тела со големина налик на Земјата, а дури три од нив орбитираат во населливата зона околу својата ѕвезда. Понатаму, приказната е сè поинтересна“, стои во најавата на настанот.

Влезот на предавањето чини 100 денари.