НАСА откри целосно нов сончев систем со седум планети налик на Земјата

Научниците открија нов соларен систем исполнет со планети кои личат на Земјата и на кои би можел да има живот, соопшти НАСА.

Најмалку три од седум планети претставуваат „Светиот Грал за астрономите-трагачи на нови планети“, бидејќи се сместени во „умерена зона” и ја имаат точната температура со која може да се развие вонземски живот, велат истражувачите. Покрај ова, тие се способни да имаат океани, што дополнително укажува на тоа дека на нив може да се развие живот.

Досега не е пронајден ниту еден друг ѕвезден систем што содржи толку многу карпести планети и со големина на Земјата.

Истражувачите наскоро би можеле да најдат докази за живот на планетите, велат тие. Британскиот астроном д-р Крис Копервит, од Универзитетот Џон Мурс во Ливерпул и кој беше дел од меѓународниот тим, рече:

„Откривањето на повеќе карпести планети со површински температури кои овозможуваат течна вода го прават овој неверојатен систем возбудлива идна цел во потрага по живот”.

Секој доказ за живот, најверојатно, ќе биде „силен, многу силен или убедлив”, велат научниците. Тоа ќе го направат преку набљудување на молекулите во атмосферата – ако најдат кислород, и тоа во потребните количини, тогаш сигурно ќе се покаже дека постои биолошка активност.

Ко-истражувачот д-р Амори Трајод од Институтот за астрономија во Кембриџ, рече:

„Ние се надеваме дека ќе се знае дали има живот во текот на следната деценија.”

Ѕвездата TRAPPIST-1 е релативно млада – така што дури и кога на нашето Сонце би му снемало гориво и нашиот сончев систем е уништен, новооткриената ѕвезда се уште ќе биде во почетокот на зародиш.

Таа „гори водород толку бавно што ќе живее уште 10 трилиони години – 700 пати повеќе од досегашното постоење на вселената, што веројатно е доволно време за да се развие “, пишува Игнас Аг Шелен од обсерваторијата Лајден, во придружен напис за откритието.

Сите планети беа пронајдени со помош на методот наречен „транзит фотометрија”. Тој функционира на начин што се набљудува поминувањето на една планета, или транзитот, во предниот дел на својата ѕвезда – блокирајќи мала количина на светлина, која ни овозможува да ја видиме планетата и да дознаеме за нејзината големина.

Научниците првпат ја пронајдоа ѕвездата TRAPPIST-1 во 2010 година, по следење на најмалите ѕвезди во близина на Сонцето. Од тогаш, тие ги набљудуваа тие транзити,па откако јасно проследиле 34 од нив, тие предложија дека тоа се должи на седумте нови планети.

Потоа, тие работеа на дознавањето на големината и составот на секој од световите. Таа работа се уште продолжува, но научниците веруваат дека планетите имаат големи океани, дека се умерени и дека имаат други услови кои би можеле да го отворат патот за вонземски живот.

Истражувачите сакаат да ја  разгледаат особено седмата планета, најоддалечената меѓу планетите, бидејќи во моментот тие не се сигурни како таа се поврзува со останатите.

Вселенскиот телескоп Хабл на НАСА веќе се користи за пребарување на атмосфери околу планетите. Идните телескопи, вклучувајќи го и Европскиот екстремно голем вселенски телескоп Џејмс Веб, може да бидат доволно силни за да откријат докази на живот, како на пример кислород во атмосферата на егзопланетите.

Првата екстрасоларна планета е пронајден во 1992 година. Од тогаш, астрономите открија повеќе од 3.500 светови, дистрибуирани низ 2675 ѕвездени системи.

Околу една петтина од ѕвездите со големина на сонцето се претпоставува дека во близина имаат планети со големина на Земјата за да овозможуваат живот.

Во сите нив, може да има 40 милијарди потенцијално погодни светови во нашата галаксија, Млечниот Пат, проценуваат астрономите.