Откорната и украдена бистата на Славко Јаневски во Струга, од СВП со осуда за варварскиот чин

Непознати сторители ја откорнале и украле бистата на македонскиот поет Славко Јаневски од алејата на поетите на кејот на реката Црн Дрим во Струга, информираа од Националната установа „Струшки вечери на поезијата“ (СВП).

Оттаму велат дека при вообичаена проверка забележале дека бистата ја нема, а истовремено утврдиле и дека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо разнишани во обид и тие да бидат откорнати.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови“, стои во соопштението од СВП.

Од Установата додаваат дека сличен ваков чин се случил и на 1 октомври 2021 година, кога бистата на македонски поет Анте Поповски била откроната од постаментот и фрлена во крајбрежјето.

„Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата“, додаваат од СВП.