Осврт за деветтото издание на „Лица без маски“

Четири дена успеавме да останеме фокусирани и да уживаме во вистинска уметност на сцена. Пет интернационални театри од Србија, Романија, Грција, Русија, Италија и еден од Македонија покажаа игра, сцени и приказни во кои не секогаш се осмелуваме да ѕирнеме.

Зборуваа за секојдневни, но контроверзни теми. Танцуваа во провокативен ритам, се разголуваа и физички и метафорички. Беа и сурови и нежни, и забавни и тажни. Најважно, беа многу искрени и вистински.

Она што е секогаш печат за „Лица без маски“ како интернационален фестивал уште еднаш го потврдија преку одличната селекција која ја направи режисерот Игор Ивковиќ и одличната организација на директорот Миодраг Костиќ, кои по деветти пат ни донесоа алтернативна уметност во која се ужива со сите сетила. Театарска уметност која ги надминува националните и јазични бариери, затоа што не ви е потребно да го разбирате јазикот, туку само да ја чувствувате играта и експресијата на одличните актерски екипи.

На 9-ти април фестивалот го отвори претставата „Собуј ги чевлите“ од српскиот театар „Лудум Лудум“ во која на хумуристичен начин ни раскажа многу секојдневна тема за господинот управник во еден театар, кој е неуспешен актер, но вистински егоцентрик, во сенка на својата прекрасна жена и успешна актерка. Претставата покажа како понекогаш не се бираат средства за да се исполнат личните каприци без достоинствена борба, но и како некои луѓе се подготвени да ги повредат и најблиските за да се издигнат себеси. Луѓе-кукавици, кои не можејќи да се соочат со сопствените неуспеси, решени се да ги уништат и туѓите успеси.

На 10-ти април, на малата сцена во МОБ преку современ танц и визуелни ефекти, двете актерки Диана Булуга и Ралука Лапан од романскиот театар „Креирај. Глуми.Уживај“ ја претставија „Галаксија“, претстава за создавањето на светот и универзумот. Од големата експлозија и создавањето на честички, елементи, атоми па сè до целата Вселена и еволуцијата на човештвото. Начинот на кој комуницираа меѓусебно, движењата кои ги следеа и поврзувањето со појавите ја пренесуваа пораката за тоа колку големо влијание има секој од нас во сите случувања и процеси во животот. Покажуваа како секој чекор може да нè однесе до нешто следно кое се претвора во нешто поголемо. Дури и секоја емоција која се рефлектира е доволно моќна да предизвика некакво создавање.

На 11-ти април, третиот фестивалски ден се одиграа две претстави. Во грчката претстава „19-ти“ мај од театарот „Онеироу технитис“ во која беше претставено дејство кое се одвива во 1919 година во Самсун. Приказна за културолошкиот и социјалниот развој на Европа, но најмногу претставен преку религискиот контраст. Актерите раскажаа приказна за движењето на младите Турци кои се обидуваат да ја елиминираат секоја друга религија, поттикнувајќи масакр, а со тоа и влевајќи страв од исламскиот екстремизам. Тема која е претставена како историска и дамнешна, а во суштина никогаш поприсутна како денес. Моментот кога за време на свадбена веселба целата топлина, убавина и благосостојба се обвива во страв и мрак е моментот кој ве тера да посакате да замижете, но и тогаш, во темнината, го гледате и чувствувате она што не сакате.

Истата вечер, на малата сцена на МОБ, следуваше македонската претстава „Г-ца Јулија“ во продукција на независниот театар „Фабрика“. Во неа преку улогите на Теоман Максут, Миа Кантарџиева и Емине Халил ги видовме ниските страсти на луѓето од различни профили и нивоа. Ни покажаа како може некој да изгледа во туѓите очи, колку навидум недостижно, а во суштина толку евтино. Видовме колку имањето или немањето почит, пред сè, кон себеси прави да бидеме слепи и за вредностите на сите други. Истовремено поучува дека потиснатите комплекси, трауми и фрустрации не исчезнуваат ниту се надминуваат со спротивставување, туку со признавање и ослободување.

Последната фестивалска вечер, исто така се одиграа две претстави во театарот „Комедија“. Прва беше претставата „Рефлексии“ во продукција на „32. Физички театар“ од Русија кој изобилуваше со одлична музика, многу акробации, актери кои знаат низ фацијални експресии и одмерени сценски движења да пренесат неколку приказни и да создадат голема слика. Во првиот дел беа прикажани неколку кратки акробациски делови кои претставуваа сцени од создавањето на светот, запознавањето, раѓањето на животот, ограничувањето на слободата, минувањето на животот, создавањето чудо и осаменоста кои поради одличните акробатски изведби постојано измамуваа воздишки и воодушевувања кај публиката. Во вториот дел од претставата беше претставен светот под маски. Затоа што сите носиме по неколку маски за да се заштитиме или соочиме со животот, но во секојдневната борба со сите ликови, понекогаш се заробуваме во тела на чудовишта, а за да се ослободиме мора повторно да се родиме.

Фестивалот го затвори италијанската претстава „Ромео и Јулио“ на театарот „Болоњикоста“ во која на прилично котроверзен начин беше прикажана љубовта помеѓу две момчиња, осудена од општеството, семејството и релегијата. Предрасудите за сексуалноста со кои постојано се соочуваме, стереотипите кои владеат и себепреиспитувањето како постојано актуелни теми, беа прикажани на многу провокативен, но крајно интересен начин. Претстава која ги руши табуата, се спротивставува, се разгневува и разнежнува. Претстава која ја покажува потребата да се сака и да се биде сакан. Љубовта како најсилна емоција повторно ги надминува границите на она што е правилно и природно, а што не. Покажува дека само искрената и силна љубов е онаа вистинската, бидејќи љубовта не се дели по род, боја, вера, туку љубовта пркоси и се бори или умира. Токму таква жестока љубов во многу форми и нијанси беше прикажана во оваа претстава која можеби многумина изненади или шокираше, но никого не остави рамнодушен. Токму затоа и беше прогласена за најдобра претстава на овогодинешното издание на „Лица без маски“.

На крајот, на свеченото затворање на уште едно возбудливо и богато издание на „Лица без маски“, жирито во состав: Магдалена Ризова – Черних, Синиша Ефтимов и Ирена Илиевска ги додели наградите за најдобра актерка на Теодора Ристовски, за улогата на глумицата во српската претстава „Собуј ги чевлите“, наградата за најдобра режија на Софија Болоњини и наградата за најдобра претстава за италијанската претстава „Ромео и Јулио“.

Викторија Мирческа, автор и водител на Радио МОФ емисијата Аccoustic stream.