Осум години затворска казна за Мијалков, вкупно 33 за случајот „Трезор“

По тригодишно судење, заврши судскиот предмет кој го отвори СЈО под кодното име „Трезор“. Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена казна затвор од 8 години на бившиот шеф на УБК Сашо Мијалков за злоупотреба на службената положба.

Поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски е осуден на затвор од 5 години, а исто толкава казна доби и експомошник-министерот во МВР, Небојша Стајковиќ. Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, кому му се судеше во отсуство, Горан Грујевски, доби највисока затворска казна од 15 години. Со ова, вкупно се изречени 33 години затвор за „Трезор“.

Обвинетите, според судот, се виновни за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема од фирма од Велика Британија.

Обвинителството истакна дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.

Одбраната, пак, смета дека обвинението е засновано врз претпоставки. Односно, дека постапката ја води неовластен тужител, па на судот му предложи да донесе ослободителна пресуда.

По објавата на пресудата, судот има рок од најмногу 60 дена да ја напише, па следува можноста за жалба.

Ова е трета неправосилна изречена пресуда на Мијалков по „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“.

Судот на Мијалков му одреди притвор од 30 дена, по претходен предлог на обвинителот Трајче Пеливанов. Тој истакна дека постои опасност од бегство, како и тоа дека преку Европол е утврдено дека екс шефот на УБК има адреса на живеење во Прага, а и две возила регистрирани на негово име. На Стајковиќ, пак, Судот му одреди мерка куќен притвор.