Осум години откако беше изградена, се санира зградата на МНТ од 38 милиони евра

Македонскиот народен театар соопшти дека започнала санацијата на проодната тераса која се наоѓа на северно-источниот дел од првиот кат на објектот.

Како што велат од МНТ се работи за зафат со кој ќе се надминат проблемите наследени од самото отворање на театарот, како и натамошното руинирање на објектот. Во изминатите години при обилни дождови беа предизвикувани материјални штети од протекување од терасата во главното фоаје.

„Средствата, во износ од 1,2 милиони денари се во рамките на Годишната програма за 2021 година на Министерството за култура на РСМ. Искрено се радуваме што есенскиот дел од сезоната ќе го започнеме во безбеден и саниран објект. Во очекување на позитивни вести околу пандемијата од КОВИД-19, ние се подготвуваме повторно за полн салон, со широк репертоар“, велат од МНТ.

Објектот на МНТ беше изграден во рамките на проектот „Скопје 2014“ и беше пуштен во употреба во декември 2013 година. Според информациите на БИРН, за театрот беа потрошени скоро 38 милиони евра.