Оставка од судиите и одбрана на Уставот, нов протест пред Уставниот суд

Оставка на уставните судии кои гласаа за контроверзната одлука за преиспитување на уставноста на Законот со кој се забранува претседателот да помилува осуденици за изборни измами и други тешки дела, но и одбраниме Уставот од Уставниот суд побараа демонстрантите кои и денеска излегоа на протест пред новата зграда на судот. Тие го изразија својот револт од работата на Уставниот и ги повикаа судиите да ја повлечат спорната одлука, но и да престанат да бидат извршители на власта.

„Злосторничкото здружување ги зароби институциите и ја направи правдата недостижна за граѓаните. Уставниот суд е востановен за да го заштити Уставот и законите и да биде гарант за владеењето на правото. Од моментов кога беа избрани членовите на овој суд тој престана да ја извршува својата одлука и му служи на злосторничко здружение и неговите интереси“, истакна пред присутните Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права која порача дека државните институции и судови треба да им служат на граѓаните, а не да ги штитат интересите на владеачката партија и нивните криминали.

На демонстрантите пред Уставен денеска им се придружија и граѓаните кои се незадоволни од одлуката да плаќаат парно греење во Скопје, иако се исклучени од топлификационата мрежа.Повеќе од една година, тие секоја сабота се собираат на протест пред Регулаторната комисија. Велат дека се револтирани од Уставниот суд кој го отфрли нивното барање за преиспитување на одлуката донесена пред неколку години со која  сите кои имаат приклучок на мрежата мора да плаќаат греење, без разлика дали го користат или дали воопшто имаат потпишано некаков договор со компанијата која го испорачува.

Денешниот е четврти протест пред Уставен поради одлуката на судиите да дозволат преиспитување на уставноста на Законот од 2009 година со кој се забранува претседателот да помилува осуденици за изборнен криминал, педофилија, но и дела како трговија со дрога. Протестите почнаа спонтано, веднаш откако во јавноста излезе веста за одлуката на Уставниот суд. Таа беше донесена со 4 гласа „против“ и пет гласа „за“.

„Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски се соучесници на власта во попречувањето на правдата. Бидејќи попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваме предлогот на Специјалното јавно обвинителство тоа кривично дело да биде што е можно побрзо воведено во правниот систем на Република Македонија и најстрого санкционирано“, порачаа од граѓанската иницијатива „Ајде“ кои го организираа денешниот протест пред Уставен, за одбрана на Уставот.