Протест пред Уставниот суд за одбрана на Уставот, се бара оставка од судиите

Со фрлање јајца кон новата зграда на Уставниот суд и скандирање „Робија, робија“, „Готово е Никола“, „Нема правда, нема мир“, „Судии мафија“ поголем број граѓани и активисти го искажаа својот револт од денешната одлука на Уставен да дозволи преиспитување на уставноста на законот кој забранува Претседателот да помилува лица осудени за тешки дела како изборен криминал или педофилија.

Со протестот тие побараа оставка од судиите, како и заштита на граѓанскиот, наместо партискиот интерес.

„Уставниот суд денеска застана во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори. Во рекордно брзо време ја разгледа и ја прифати иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за помилување, поточно за забраната Претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека за нив правниот систем е само алатка која им служи за заштита од правдата, а не за нејзино спроведување. Ние граѓаните нема да дозволиме крадците на нашите животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд да си ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни. Нема да дозволиме повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски огранок“, стои во најавата за протестот која брзо по одлуката се прошири на социјалните мрежи.

Остра реакција стигна и од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, за кои е симптоматична брзината со која е донесена одлуката, бидејќи иницијативата беше поднесена на почетокот на месец февруари, веднаш по отворањето на случајот „Титаник” каде како осомничени за изборни измами се поранешните министри Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска и останати лица блиски до владејачката коалиција.

„Брзината на постапувањето која денес ја покажа Уставниот суд во овој случај е единствен пример за брзо постапување по одредена иницијатива, со што многу транспарентно се разоткрива неговата улога на инструмент за одбрана на партиските интереси на владејачката коалиција“, се вели понатаму во реакцијата на Хелсиншки кои го повикаа Уставен да се издигне над партиските и индивидуалните интереси и да донесе одлука со која нема да утврди неуставност на законот и нема да го укине.

Одлуката за преиспитувањето на уставноста може да доведе до укинување на Законот од 2009 година, со кој се забрани помилување на осудените за тешки тела. Ваквото законско решение беше донесено поради заштита на јавниот интерес и за поголема правна сигурност на граѓаните.

Денешната одлука беше донесена со 5 гласа „за“ и 4 „против“ од судиите на Уставниот суд.