Осомничен за убиството на новинарката Маринова уапсен во Германија

Доцна синоќа во Германија е уапсен Бугарин осомничен дека го извршил бруталното убиство на новинарката Викторија Маринова, потврди бугарскиот јавен обвинител.

Телото на 30-годишната новинарка беше најдено во саботата во бугарскиот град Русе. Таа била силувана, а починала од последици на удари во главата и давење.

Осомничениот е идентификуван како Северин К. Роден 1997 година, против кого во отсуство е подигнато обвинение за силување и сурово убиство.

Министерот за внатрешни работи Младен Маринов изјавил дека постојат физички докази кои го поврзуваат момчето со убиството. Северин К. бил жител на Русе и имал претходно криминално досие за кражба на метал. Министерот додал и дека засега нема докази за поврзаност на убиството со работата на Маринова, но дека истрагата ќе продолжи .

Јавниот обвинител Сотир Цацаров, на брифинг со новинарите, посочил дека од доказите со кои располагаат делото било спонтан, исклучително брутален напад, заради сексуално злоупотребување на жртвата. Според обвинителството, Северин К. тренирал бокс, а кога го извршил нападот бил под дејство на алкохол.

Претходно, во текот на вчерашниот ден, беше уапсено уште едно лице, државјанин на Романија, под сомнение дека е поврзан со злосторството, кој е пуштен на слобода.

Маринова беше новинар и уредник на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрага за наводна корупција поврзана со фондовите на ЕУ.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.