Брутално убиена бугарската новинарка Викторија Маринова

Бугарската новинарка Викторија Маринова беше брутално убиена во саботата, околу пладне, во градот Русе, во северниот дел на земјата. Според извештаите на локалните медиуми, нејзиното тело е пронајдено во близина на реката Дунав на тешко достапен терен. Жртвата била наводно силувана, претепана и потоа задавена. Таа била претепана со такво насилство што лицето и било непрепознатливо и не била идентификувана веднаш.

Регионалниот обвинител на Русе, Георгиј Георгиев, изјави за новинарите дека смртта е предизвикана од удари по главата и задушување.

„Недостигаа мобилен телефон, клучеви за автомобили, очила и дел од нејзината облека”, рече Георгиев, додавајќи дека нема информации што укажуваат дека кривичното дело го сториле повеќе од едно лице.

Маринова беше административен директор на телевизијата во Русе. Таа неодамна започна со  своја емисија наречена „Детектор”, за последен пат емитувана на 30 септември. Во таа прилика, таа имаше интервју со бугарскиот новинар Димитар Стојанов од веб-страницата „Бивол“ и романскиот новинар Атила Биро, член на проектот РИСЕ за истражувачко новинарство во Романија.

Детектор

За натискът и пречките пред разследващата журналистика…За корупционните практики на държавно ниво…За "изкуството" при усвояването на еврофондове…Говорят Димитър Стоянов от Биволъ и ръмънският му колега Атила Биро.

Posted by Детектор on Monday, 1 October 2018

Стојанов и Биро беа уапсени минатиот месец бидејќи истражувале уништување на документи кои, се чини, откриваат корумпирани практики од страна на приватна компанија за изградба на патишта, осомничена за извршување измами со европски фондови.

Европските и меѓународните федерации на новинари (ЕФЈ-ИФЈ) реагираа и рекоа дека се длабоко шокирани од бруталното убиство на 30-годишната Маринова, која беше новинарка во регионалниот ТВ-канал ТВН.

Таа е четврта новинарка убиена во ЕУ од 2017 година по Ким Вол во Данска, Дафне Каруана Галиција во Малта и Јан Куцијак во Словачка. Комеморацијата за Маринова ќе се одржи во Софија, во понеделник вечер.

ЕФЈ и ИФЈ, заедно со нивните бугарски филијали УБЈ и Подкрепа, ги повикаа бугарските власти да ги идентификуваат, упсат и да ги изведат пред правдата одговорните за ова ужасно убиство.

„Ова е четврто брутално убиство на новинар во земја членка на Европската унија од 2017 година. Убијците и нивните спонзори очигледно имаат за цел да ја заплашат целата професија. Ги повикуваме европските влади без одлагање да го поддржат предлогот на ИФЈ Меѓународната конвенција за безбедност и независност на новинарите и да ја спроведат препораката на Советот на Европа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите. Државите не можат да останат пасивни по ваквиот излив на насилство “, изјави Рикардо Гутиерез, генерален секретар на ЕФЈ.