Оргазми како отпушувачи на нос и транспорт на превртени носорози со Иг Нобеловите награди за 2021

Колку брадата го ублажува ударот во лицето, транспорт на носорозите превртени на грб и оргазмите како метод за отпушување на носот се дел од добитниците на Иг Нобеловите награди за 2021 година.

Годишната манифестација, која е пародија на Нобеловите награди, даде признанија на вкупно 10 комични, но практични научни истражувања, кои „прво ве тераат на смеење, а потоа на размислување“, како што гласи слоганот на наградите.

Во церемонијата која се одржа онлајн, наместо на вообичаеното место во театарот на Универзитетот Харвард, вистински добитници на Нобелови награди ги врачија статуетките на научниците, економистите и математичарите од 24 различни држави.

„Кога разбрав дека ја добивме наградата бев малку нервозен. Си мислев дали воопшто ја сакам оваа награда. По мало истражување заклучив дека ја сакам“, вели Дејвид Кариер, професор по биологија на Универзитетот во Јута.

Кариер и неговите колеги ја добија наградата за мир поради нивниот тест на контроверзната теорија дека мажите низ еволуцијата создале брада за да ги заштитат лицата од удари при борби. Иако Чарлс Дарвин, кој и самиот бил препознатлив по брадата, се сомневал дека брадата еволуирала како детаљ за шармирање на спротивниот пол, Кариер нашол докази за нејзината заштитна улога. Откако испуштал тешки предмети на материјал со својства на човечките коски прекриен со овча волна.

„Не дека брадата обезбедува преголема заштита. Навистина силен удар секогаш ќе биде опасен. Но, она што можеме да го кажеме е дека обезбедува некаква заштита на коските и кожата“, вели Кариер.

Иг Нобеловата награда за економија му припадна на Павло Блаватски, за неговото истражување дали дебелината на политичарите е поврзана со корупцијата во земјата. Наградата за медицина му беше доделена на Кем Булут, кој објавил научен труд во кој сексот со оргазам е ефективен начин за отпушување на носот.

Наградата за ентомологија му припадна на Џон А. Мулренан за неговото истражување за уништување на бубашваби во подморници. Наградата за транспорт ја доби група истражувачи кои заклучиле дека воздушниот транспорт на носорозите е посмирувачки за животните кога тие се превртени на грб.

Наградата за екологија ја доби истражување за видот и количината бактерии кои живеат на гумите за џвакање фрлени на тротоарите и улиците, додека наградата за биологија и припадна на Сузан Шотц за нејзиното истражување на предењето и звуците на мачките како начин за комуникација. Наградата за кинетика им припадна на група истражувачи кои проучиле зошто пешаците некогаш се судираат со други пешаци.

Наградата за хемија ја доби професорот Џонатан Вилијамс за неговото истражување околу тоа како се менуваат мирисите кои ги испуштаат постителите во кино кога гледаат филмови со насилство, хорори, комедии и други жанрови.

Признанијата ги доделува меѓународниот хумористичен магазин „Анали на неверојатни истражувања“, кое на сатиричен начин ги критикува традиционалните научни списанија и се залага за подигање на јавната свест за науката.

Целосната листа на наградените и нивните истражувања може да ги најдете на следниов ЛИНК.