Организаторите на њујоршката Парада на гордоста ќе го забранат полициското присуство до 2025 година

Организаторите велат дека полицијата е закана за дел од ЛГБТИ+ заедницата, додека њујоршката полиција вели дека одлуката е разочарувачка, пренесува „Гардијан“.

Организаторите на Парадата на гордоста во Њујорк велат дека ќе забранат полицијата и лицата вработени во државните безбедносни служби да маршираат на нивната годишна парада до 2025 година, а ќе побараат безбедносната полиција да е една улица подолу од маршот кој ги слави ЛГБТИ+ лицата и нивната историја.

Во соопштение, организаторите побарале полицијата да ја признае својата вина и да го поправи нивниот однос за да биде поправена идната соработка“.

„Чувството на безбедност кое треба да го буди полицијата, најчесто е заканувачко, дури и опасно за дел од нашата заедница. Врз лицата од нашата заедница најчесто се делува со прекумерна сила, па дури и без причина“, изјавиле тие.

Организаторите планираат да го зголемат фондот за обезбедување и да вклучат редари од самата заедница, а на сметка на тоа да го намалат полициското присуство.

Полицијата ќе може да делува само во апсолутно потребни случаи и тоа по наредба на градските власти, нагласиле организаторите, додавајќи дека очекуваат полицијата да е најмалку една улица растојание од периметарот на самиот настан.

За ваквата забрана јавно се зборувало минатата недела, откако Лигата на геј полицајци изјавила дека е разочарана од одлуката.

Оттаму нагласиле дека забраната е апсурдна и дека одлуката која стеротипизира дел од членовите на ЛГБТИ+ заедницата е засрамувачка.

Њујоршката Парада на гордоста е закажана за во јуни, откако поради пандемијата од коронавирусот таа не се одржа минатата година, па организирани беа само виртуелни настани.

Ваквиот прекин побуди фрустрација кај дел од активистите кои сакаа колективно да ја чествуваат 50 годишнината од првите геј паради и маршови во Чикаго, Лос Анџелес, Њујорк и Сан Франциско во 1970 година.

Маршовите се одржаа по една година откако во 1969 се случи бунтот поради рацијата во геј барот „Стонвол“. Бунтот се смета за отпочнување на модерното движење за ЛГБТИ права.

Оваа година, Парадата на гордоста се одржува сред активистичките движења поради расната неправда и полициската бруталност кои зедоа замав по убиството на Џорџ Флојд од страна на полицијата во Минеаполис.

Одлуката на организаторите е одговор на внатрешна поделеност кога станува збор за Парадата на гордоста во Њујорк.

Во 2019 година, имаше два марша на Менхетн, откако дел од заедницата одлучи дека годишната парада е премногу комерцијализирана.

Маршот за квир ослободување повеќе целеше кон протест, изјавувајќи дека главната парада е оптоварена со полициско присуство, токму од онаа полиција која направила рација во „Стоунвол“ пред половина век.

За време на прес-конференција во 2019 година, њујоршката полиција се извинила за рацијата нарекувајќи ја „погрешна и едноставна“.

Детективката Софија Мејсон, потпаролката на њујоршката полиција изјавила дека обврска на полицискиот одред е да обезбедат сигурност на парадата која е нашироко прифатена од нејзините членови.

„Идеата за отфрлањето на полициското присуство е разочарувачка и спротивна од заедничките вредности на инклузија и толеранција. Па така, полицијата сепак ќе биде на улиците за да го обезбедуваат сообраќајот за време на овој голем, комплексен настан“, нагласила Мејсон.