Општина Аеродром отвори јавен повик за месечни субвенции од 1.000 денари за социјално загрозени лица, со што тие ќе добиваат месечен надомест за октомври, ноември и декември.
Од општината истакнуваат дека ќе следуваат по 1.000 денари месечни субвенции во четири категории – за струја за социјално загрозени лица, за топол оброк и ужина на децата на социјално загрозени лица, за топол оброк за деца на самохрани родители со месечен личен доход до 18.000 денари и за приматели на пензија до 10.300 денари.
Општинскиот јавен повик за парична помош ќе биде отворен до 14 октомври, а на него ќе можат да аплицираат социјално загрозени лица кои се најпогодени од енергетската и финансиската криза.
„Сите подносители треба да се жители на Општина Аеродром, а деталите за јавниот повик се достапни на веб-страната на Општина Аеродром. Со оваа мерка, излегуваме во пресрет на најранливите категории граѓани со цел тие полесно да го надминат периодот одбележан со енормното покачување на цената на струјата“, додаваат оттаму.