Општина Аеродром ќе прави анкета за зонско паркирање во Стар Аеродром и Ново Лисиче

Во наредниот период како Општина Аеродром планира да преземе конкретни чекори и ќе спроведе анкета преку урбаните заедници, односно куќните совети/управителите на станбените објекти кои не се опфатени со зонското паркирање. Доколку граѓаните се изјаснат позитивно, тогаш ќе се воведе зонско паркирање на повеќе места како Стар Аеродром и Ново Лисиче.

Ова денеска го најави градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски откако заедно со директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски направија обиколка низ општината и ја разгледаа можноста за воведување зонско паркирање на нови локации.

„Муцунски и Христовски ги поминаа сите критични точки за паркирање во нашата општина и се обврзаа дека ќе излезат во пресрет на барањата на локалните жители за воведување ред во паркирањето. Еден од најголемите проблеми на аеродромци е паркинг просторот и токму затоа, Општина Аеродром заедно со ЈП „Градски паркинг“ ќе изнајде решение кое ќе биде прифатливо за сите“, соопштуваат од Општина Аеродром.

Освен воведувањето зонско паркирање Општина Аеродром планира да започне и со воведување косо паркирање, со што според општинарите ќе се обезбеди уште поголем број места.

Инаку, Радио МОФ пред неколку денови пишуваше дека Општина Аеродром ќе прави паркинг-простор за 56 возила зад Мајчин дом. Се работи за локација меѓу домот и веќе постоечкиот зонски паркинг, позади контроверзната зграда на „ЗСФ-КОМ“, каде вирееше зеленило пред налетот на урбанизација и нови возила во овој дел oд скопската општина. За да се изгради овој паркинг, Аеродром ќе ја презема сопственоста на некогашното зеленило.

Аеродром презема сопственост на некогашното зеленило зад Мајчин Дом за да гради паркинг