Општина Аеродром го повлече конкурсот за новинари по реакцијата на ЗНМ

Општина Аеродром  го повлече неодамнешниот конкурс за новинари за промоција на европските вредности. Конкурсот се однесуваше на новинарски статии од областа на заштитата на животната средина, модернизација на урбаното живеење, подобрување на квалитетот на живот и руралниот развој.

Одлуката доаѓа по реакцијата на Здружението на новинари на Македонија, кои бараа да се повлече конкурсот со цел да не се влијае на објективното новинарство и дополнително да поттикне несакани механизми за нарушување на кревкиот медиумски пазар.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска се сретна со претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и со извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

„Целта на ваквата одлука е да се исклучи и најмалото зрнце сомнеж во јавноста за искрените намери на Општината. Аеродром со конкурсот сакаше да поттикне независниистражувачки стории на теми поврзани со европски вредности, особено кај младите и талентирани новинари. Би сакале да им се заблагодариме на сите што досега покажаа интерес за учество на конкурсот и веруваме дека ќе продолжат да ја информираат јавноста за нашата европска агенда професионално, независно и објективно“, се вели во соопштението од општината.

Од ЗНМ, пак, посочиле дека треба да се избегнуваат вакви практики со цел да не се добие впечаток дека со јавни пари може да се влијае на начинот на известување на новинарите.