Општина Аеродром објави конкурс за награди за новинари и медиуми, ЗНМ бара да се повлече

На 3 февруари, преку официјалната веб-страница на Општина Аеродром беше објавен јавен конкурс со кој се повикуваат новинари и медиумски куќи да се пријават со шанса да освојат три награди во вкупна вредност од 180.000 денари. Во огласот се споменува тие да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво.

Но, од Здружението на новинари на Македонија се спротивставуваат на ваквиот јавен повик и бараат тој да биде повлечен, со цел да не се влијае на објективното новинарство и дополнително да поттикне несакани механизми за нарушување на кревкиот медиумски пазар.

„Ваквата пракса преку која општината парично наградува новинари може погрешно да биде толкувана во јавноста дека преставува поткуп со јавни пари да се влијае на медиумски содржини поврзани со работата на Општина Аеродром. Освен ова, овој повик може да биде непристоен преседан, кој ќе ги поттикне и другите општини како и јавни институции да го следат истиот пример, а преку тоа дополнително да се наруши објективноста на медиумските известувања на локално и централно ниво и да настрада јавниот интерес“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Тие потсетуваат дека новинарите и медиумите имаат единствена нужност од транспарентна и отворена комуникација од сите институции на локално ниво како основен принцип во полза на интересот на јавноста. Според нив, мотивирање на новинари и медиуми со јавни средства да известуваат за работата на општините, преставува етички конфликт кој може да значи влијание врз уредувачката политика, а тоа може да предизвика штета на медиумската сцена.

Засега конкурсот се уште е достапен на веб-страницата на Општината. Натпреварот започна на 4 февруари, а крајниот рок за испраќање на новинарските производи е 30 април, додека објавувањето на победниците е најавено да се одржи на 9 мај, Денот на Европа.