Општина Аеродром го коригираше ДУП-от, иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ вели дека остануваат спорни згради

Општинарите од Аеродром соопштија дека е коригиран предлог-ДУП-от за населба Лисиче, при што најавуваат втора јавна анкета и презентација на корекциите, која ќе се одржи 5 јули (среда) во просториите на ООУ ,,Димитар Македонски”.

Исто така, посочуваат дека коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден за времетраењето на анкетата и рокот за поднесување на анкетните листови.

„Во периодот од 3-ти јули (понеделник) до 10-ти јули, Општина Аеродром ќе спроведе втора јавна анкета која се однесува на коригираниот предлог за овој ДУП, кој е ревидиран и во себе ги опфаќа најголем дел од забелешките кои беа поднесени од жителите преку анкетните листови“, стои во соопштението на Општина Аеродром.

Од таму велат дека „транспарентното работење и водењето грижа за интересот на граѓаните остануваат наши приоритети при носењето одлуки кои имаат цел решавање на клучните проблеми во општината“.

„Откако на првата јавна анкета пристигнаа забелешки од дел од жителите на населба Лисиче, го продолжуваме транспарентниот процес за заедничко носење на новиот Детален урбанистички план за овој дел од Аеродром“, стои во соопштението.

По ваквата најава, со своја реакција денеска повторно се јави иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“, која ги предводеше протестите на лисичани за укинување на ДУП-от за градска четврт ЈИ О9 01. Иницијативата не е задоволна од новата верзија.

„Како што можете да видите спорните згради и улици ОСТАНУВААТ, иако од дел се отстранети! Оваа верзија на предлог ДУП-от НЕ претставува суштинско решавање на нашите проблеми, туку обид мачкање на очите на нас жителите и на јавноста. Ние ќе продолжиме да се бориме и против оваа верзија на планираниот предлог ДУП, и јасно остануваме на нашиот принцип дека НЕМА место за ЗГРАДИ во ЛИСИЧЕ!“, стои во реакцијата на „Да го зачуваме Лисиче“.

Претходно, жителите уште додека планот беше на првата јавна анкета, се обидоа со поднесување анкетни листови да ја спречат штетата со која, како што рекоа, ќе се наруши спокојниот живот во населбата, а притоа имаше петиција потпишана од над 700 жители. Потоа на протестите изразија револт против потенцијалната 12-катница, но и останати згради што би никнале со ЈИ 09.

„Лисиче е најзагадена населба во Скопје, па сега решиле уште со згради да не’ гушат. Има смог, не се дише, па уште и згради ни требаат тука. Нема да им помине! Уште колку згради и колку домови треба да се уништат за да задоволат нивните болни апетити за профит?! Жителите на населба Лисиче со крв и пот ги имаат градено овие куќи. Нема да дозволиме да бидат уништени!“, рекоа од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“.