„OpenAI“ најави нова платена верзија на ChatGPT за побрз и приоритетен пристап

Компанијата „OpenAI“ која стои зад „чет-ботот“ ChatGPT најави нов месечен план ChatGPT Plus наменет за користење на алатката со приоритетен пристап дури и кога софтверот е преоптеретен и бесплатните корисници треба да чекаат, пишува „Врџ“.

По цена од 20 долари како што велат оттаму, „ќе може да добиете приоритетен пристап за користење на новите опции и побрзо да дојдете до резултатот“.

Од „OpenAI“ додаваат дека понудата најпрво ќе биде достапна за луѓето во САД кои веќе се на листата на чекање, а потоа ќе овозможат пристап и до другите земји.

Со ова, компанијата поставува стандард за сите следни ботови за генерирање текст со вештачка интелигенција кои сигурно ќе се појават наскоро и тоа во верзии достапни само со плаќање. Земено тоа што компанијата „OpenAI“ е првата која креираше ваков „чет-бот“, секој што ќе биде следен во ова поле доколку сака да стави повисоки цени на услугите за користење ќе мора да понуди зошто нивниот е подобар од останатите.

Сепак од компанијата уверуваат дека ChatGPT нема да се претвори во алатка што ќе може да се користи само доколку се плаќа. Според нив, корисниците кои плаќаат ќе овозможат да се поддржи достапноста на бесплатен пристап до што е можно повеќе луѓе.

Од „OpenAI“ се свесни дека користењето на нивниот бот за пишување домашни работи како есеи и текстови е контроверзно, па затоа во вторникот објавија нова бесплатна алатка која одредува дали текстот е напишан од човек или со вештачка интелигенција.

Креаторот на ChatGPT создаде алатка која открива дали текстот е напишан од човек или со ВИ