ООН предупредува дека идејата на Израел за целосна окупација на Газа ќе има катастрофални последици

Висок функционер на ООН предупреди дека ќе има катастрофални последици доколку Израел ги прошири своите воени операции во Газа, по извештаите дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за целосна окупација. Помошникот генерален секретар Мирослав Јенча пред Советот за безбедност на ОН истакна дека таков потег би бил длабоко алармантен и би можел да ги загрози животите на уште повеќе Палестинци, како и на израелските заложници што ги држи Хамас.

Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху планира да се сретне со неговиот кабинет за безбедност оваа недела кога ќе треба да се одобри таква акција. Постојат размислувања дека планот би можел да биде преговарачка тактика за притисок врз Хамас по неодамнешниот прекин на преговорите за прекин на огнот или обид да се зајакне поддршката од крајно десничарските коалициски партнери на Нетанјаху.

Израел се соочува со зголемен меѓународен притисок поради војната во Газа, каде што експертите велат дека се шири глад.

„Окупацијата би имала катастрофални последици за милиони Палестинци и би можела дополнително да ги загрози животите на преостанатите заложници во Газа“, рече Јенча и додаде дека според меѓународното право, Газа е и мора да остане составен дел од идната палестинска држава.

Израелската војска соопшти дека веќе има оперативна контрола врз 75% од Газа, но новиот план наводно ќе предложи окупирање на целиот регион, вклучувајќи ги и областите каде што сега живеат повеќе од два милиони Палестинци. За предлозите постојат поделени ставови во Израел, со извештаи дека началникот на армијата и други воени лидери се спротивставуваат на стратегијата.

Семејствата на заложниците изразија страв дека таквата одлука би можела да ги загрози нивните најблиски.Израел вели дека 49 заложници сè уште се држат во Газа, од кои се верува дека 27 се мртви.

Јенча го повтори пред Советот за безбедност на ОН повикот за прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници. Повикувајќи се на нехуманите услови со кои се соочуваат Палестинците, тој го повика Израел веднаш да дозволи непречен премин на доволна помош.

„Израел продолжува строго да ја ограничува хуманитарната помош што влегува во Газа, а помошта на која ѝ е дозволено да влезе е крајно несоодветна“, рече Јенча.

Тој, исто така, го осуди континуираното насилство на местата за дистрибуција на храна, велејќи дека повеќе од 1.200 Палестинци се убиени од крајот на мај додека се обидувале да пристапат до храна и залихи.

Минатата недела, Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека 154 лица, вклучувајќи 89 деца, починале од недостаток на храна од октомври 2023 година. Агенциите на ООН предупредија дека во Газа има масовно гладување и пријавија најмалку 63 смртни случаи поврзани со неухранетост овој месец.

Израел претходно инсистираше дека нема ограничувања за испорака на помош и дека нема глад во Газа.

Мета.мк