Онлајн петиција: Стоп за уништување на шумите и заштита на околината кај водопадот во Длабочица

Низ социјалните мрежи се шири онлајн петиција, на која досега се потпишаа околу 1.800 граѓани. Целта е: „Стоп за уништување на шумите и заштита на околината кај водопадот во Длабочица“.

„Почитувани, дојдовме до информација дека од страна на ‘Македонски Шуми’ е дадено одобрение за сеча на шума во еден од најпрекрасните и најзелени предели во кумановскиот регион. Имено, станува збор за шумата во Длабочица, општина Старо Нагоричане – во непосредна близина на единствениот водопад во нашиот крај“, стои во петицијата.

Иницијаторот вели дека иако веќе биле сведоци во изминатите неколку години на неселективно систематско уништување и соголување на преубавата шума, сепак, не очекувале дека уништување ќе дојде и до најпрекрасниот и недопрен дел од природата околу самиот водопад.

Според иницијаторот, шумата и водопадот во Длабочица претставуваа едни од ретките места на недопрена природна оаза во регионот, каде луѓето имаа прилика да пешачат и да уживаат во природните убавини надвор од градскиот метеж.

„Како што може да видите од сликите веќе е пробиен и создаден пат за тешки товарни возила и веќе е упропастена природната камена подлога околу водопадот и самата река. А во најскоро време може да очекуваме и соголување на шумата околу самиот водопад, со што ќе биде нанесена непоправлива штета на оваа ретка природна оаза. Ова зборува за безосетноста и деструктивната тенденција присутна во сите пори на нашето општество која не остава ништо убаво, корисно и вредно да егзистира, напротив се она што има вакви својства мора да биде бездушно уништено. Да го заштитиме водопадот и неговото природно опкружување! Да не дозволиме сеча на дрвја и уништување на единствениот водопад во овој регион!“, се вели во петицијата.

Инаку, Радио МОФ веќе пишуваше дека кумановски планинари алармираат за сеча на шумата и уништување на водопадот во Старо Нагоричане.

ЈП „Национални шуми“ негираа декa од нивна страна се спроведуваат градежни активности во близина на водопадот. Односно, годинава се’ уште немаат почнато активности на терен на дрвна маса или реконструкција на веќе постоечки патишта на овој потег. Истовремено велат дека, според Посебниот план за стопанисување со шуми и согласно Програмата за работа 2020, предвидена е пребирна сеча на 2 километри пред водопадот.