Кумановски планинари алармираат за сеча на шумата и уништување на водопадот во Старо Нагоричане

Група кумановски планинари алармираат дека од страна на ЈП „Македонски шуми“ е дадено одобрение за сеча на шумата во еден од најзелени предели во кумановскиот регион, водопадот во селото Длабочица, општина Старо Нагоричане.


„Иако веќе бевме сведоци, во изминатите неколку години, на неселективно систематско уништување и соголување на преубавата шума, сепак не очекувавме дека истото ќе дојде и до најпрекрасниот и недопрен дел од природата околу самиот водопад. Шумата и водопадот во Длабочица претставуваа едни од ретките места на недопрена природна оаза во нашиот регион, каде луѓето имаа прилика да пешачат и да уживаат во природните убавини надвор од градскиот метеж“, појаснуваат тие, во соопштение до медиуми.

Од сликите кои се испратени, се гледа дека веќе е пробиен и создаден пат за тешки товарни возила и е  упропастена природната камена подлога околу водопадот и самата река.

„Во најскоро време може да очекуваме и соголување на шумата околу самиот водопад, со што ќе биде нанесена непоправлива штета на оваа ретка природна оаза. Ова зборува за безосетноста и деструктивната тенденција присутна во сите пори на нашето општество која не остава ништо убаво, корисно и вредно да егзистира, напротив се она што има вакви својства мора да биде бездушно уништено“, додаваат тие.

Велат дека за ова веќе ја известиле локалната самоуправа на Старо Нагоричане како и планинарските друштва од Куманово.

Радио МОФ преку мејл побара коментар и од „Македонски шуми“.