ЈП Национални шуми: Градежната машина не е нашa, се планира пребирна сеча на шума 2 километри пред водопадот

ЈП „Национални шуми“ негираат декa од нивна страна се спроведуваат градежни активности во близина на водопадот во селото Длабочица, Старо Нагоричане. Велат дека годинава, се уште немаат почнато со активности на терен во поглед на сеча на дрвна маса или реконструкција на веќе постоечките патишта во овој потег, но е планирана пребирна сеча на 2 километри пред водопадот.

„Според Посебниот план за стопанисување со шуми и согласно Програмата за работа за 2020 година е предвидена пребирна сеча и е извршена ознака за сеча во одделот 6а, во високостеблен буков насад кој се наоѓа во близина на водопадот Длабочица на оддалеченост од 2 км, пред водопадот“, велат од претпријатието.

Во однос на градежните работи околу водопадот, велат дека по вчерашната пријава, инспектори излегле на терен.

„По пријава од странка на 25.06.2020 година, е извршен увид на терен од страна  на инспектор од Државен инспекторат за шумарство и ловство и  вработени од ПШС “Куманово”-Куманово, при што е констатирано  дека е работено со градежна машина само на крак кај водопадот и во водотекот.

Градежната машина со која е работено не е во сопственост на ЈПНШ, кој ја ангажирал и зошто ја ангажирал оваа градежна машина ќе утврдат надлежните институции од МВР“, велат од претпријатието.

Оттаму укажуваат дека работат строго според принципите на одржливо стопанисување  со шумите.

Вчера група кумановски планирани алармираа за активности во непосредна близина на водопадот,каде се копа пристапен пат има одобрение за сеча на шумата во еден од најзелени предели во кумановскиот регион. За проблемот тие ги известија и медиумите, и надлежните институции.

Кумановски планинари алармираат за сеча на шумата и уништување на водопадот во Старо Нагоричане