„One Battle After Another“ и „Adolescence“ земаа по четири Златни глобуси

Синоќешното доделување на Златните глобуси помина во знакот на политичко-акцискиот филм „One Battle After Another“, како и историската драма „Hamnet“, додека во телевизиските категории доминираше британската серија „Adolescence“.

Апсолутен победник на вечерта е филмот „One Battle After Another“ на Пол Томас Андерсон, кој освои вкупно четири награди, вклучувајќи ги оние за најдобар мјузикл или комедија и режија. Од друга страна, „Hamnet“ на Клои Жао беше прогласен за најдобар филм во категоријата драма.

Британската серија „Adolescence“ беше главното име во ТВ-категориите со освоени четири награди, додека „The Pitt“ триумфираше како најдобра драмска серија на годината.

Тимоте Шаламе ја продолжи личната победничка серија благодарение на улогата на играч на пинг-понг во филмот „Marty Supreme“, за која го освои својот прв Златен глобус во категоријата најдобар актер во мјузикл или комедија. Неговиот успех се надоврза на наградата „Critics Choice“ што ја освои минатиот викенд.

Сличен континуитет бележи и младиот актер Овен Купер, кој за улогата во серијата „Adolescence“ освои Златен глобус за најдобар спореден актер во серија, откако веќе беше награден и со признанието „Critics Choice“. Купер стана вториот најмлад машки добитник на Златен глобус, а рекордер останува Рики Шродер, кој имаше само девет години во 1980 кога ја собра наградата за „Шампионот“.

Вагнер Моура доби признание како најдобар актер во „The Secret Agent“, а Стелан Скарсгард за улогата на отсутниот татко режисер во „Sentimental Value“ беше награден за најдобра споредна машка улога.

Во женските категории, за најдобра актерка во мјузикл или комедија беше избрана Роуз Бирн за психолошкиот филм „If I Had Legs I’d Kick You“, Тејана Тејлор за споредната улога во „One Battle After Another“, додека Реа Сихорн како водечка актерка во „Pluribus“, новата серија од креаторот на „Breaking bad“.

Најдобар странски филм на Златните глобуси беше бразилскиот „The Secret Agent“.