ОН: 289 деца загинаа во Средоземното Море во првата половина од 2023 година

Околу 289 деца ги загубија животите во првите шест месеци од 2023 година обидувајќи се да стигнат до Европа преку Средоземното Море, што е значително зголемување, соопштија Обединетите нации (ОН), пренесува Ал Џазира Балканс.

Оваа бројка е двојно поголема отколку во првите шест месеци од 2022 година, додаде Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ), повикувајќи на воспоставување безбедни хуманитарни коридори кои ќе им овозможат на децата да се засолнат во Европа.

„Бројот на деца кои ги загубија животите обидувајќи се да го преминат Средоземното Море во Европа се удвои во првата половина од годината во споредба со истиот период минатата година“, рече шефицата за миграција и раселени лица на УНИЦЕФ, Верена Кнаус.

„Проценуваме дека 11.600 деца во првите шест месеци од годинава поминале по тој пат, што е двојно повеќе од истиот период во 2022 година“, додаде таа.

Според УНИЦЕФ, во првите три месеци од 2023 година, околу 3.300 деца на рутата, што е 71% од вкупниот број, биле без придружба или биле одвоени од нивните семејства. Тоа е три пати повеќе отколку во истиот период лани.

„Тие деца треба да знаат дека не се сами. Лидерите на целиот свет мора веднаш да реагираат“, изјави Кнаус.

Во четвртокот, европратениците побараа усвојување на „безбедна и постојана стратегија за пребарување и спасување“ за мигрантите на Средоземното Море, откако во средината на јуни крај грчкиот брег потона брод. Се претпоставува дека во трагедијата загинале повеќе од 600 луѓе.

Бродот потона во близина на Грција ноќта на 14 јуни. Во него имало 750 луѓе, а спасени се само 104 патници, истакнаа европратениците. Пронајдени се 82 тела, а останатите се претпоставува дека се мртви.