Оливер Спасовски: Постои голема местенка – од самиот Диме Спасов

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција ги изнесе последните детали од полициската истрага, а објави и дека се поднесени три прекршочни пријави за контроверниот случај со дополнителниот заменик-министер Диме Спасов, кој денеска тврдеше дека се работи за полициско-криминална местенка.

Спасов во својата верзија за настанот рече дека кон него бил вперен пиштол, му било удирано од возилото, бил бркан од непознати лица, а потоа му се заканувале дел од „униформираните и неуниформирани лица“. Од друга страна, сега министерот Спасовски вели дека Спасов незаконски ги напуштил местата на несреќите, не ги почитувал наредбите на полицајците, а по случувањата било утврдено дево во „туарегот“ имало сопатник Т.К. Тоа лице потврдило дека Спасов е возачот и дека немало тропање, заканување и бркање од други лица.

„Потоа, некој час подоцна на местото на настанот се појавува и лицето М.Т., кое кажува дека е возач на ‘туарегот’. Според исказот, лицето воопшто не ги знае правците на возилото. Не пријавува воопшто тропање по возило, бркање од други лица. Изјавата не соодествува со таа на Д.С. Исто така, сакам да ја информирам јавноста дека после удирањето на ‘пасатот’, за кое Д.С. тврди дека удирале во неговото возило и го бркале, всушност тие пријавиле дека се удрени. За тоа постои аудио-снимка. Сниман е целиот тој разговор, додека се движат по него. Тие се движеле по него бидејќи тој бега, а не знаат кој се наоѓа во возилото“, рече Спасовски.

Министерот ги отфрли тврдењата дека се работи за полициско-криминална местенка, туку вели: „Има голема местенка, местенка од самиот Диме Спасов“.

„За случајот постојат и видео снимки од safe city системот. Ако постоело бркање, нелогично е тогаш да отидете во полиција и дадете само поплака, а не кривична пријава, До овој момент, такво нешто нема“, нагласи Спасовски.

Во однос поплаките на Спасов за полицајците, тврди дека не е пријавено ниту такво нешто, туку повеќе службеници дале белешка за службеното постапување при настанот.

Б.Ш.