Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов, прв пат излезе јавно по сообраќајната несреќа и инцидентите од минатата недела на телевизиско интервју. Тој ја раскажа својата верзија на настаните, која целосно се разликува од информациите на Министерството за внатрешни работи.
Спасов рече дека по скопските улици бил бркан од непознати лица, кои во него впериле пиштол додека сакал да разговара со нив. Објасни дека побегнал од местото на сообраќајната несреќа поради тоа што се плашел за неговиот живот. Ситуацијата ја нарече местенка, а извештаите на МВР – план на опозицијата за нарушување на неговиот углед.
„Со ништо не сум заслужил ваков однос, да биде вперен пиштол во мене. Неколку моменти подотоа застана полициско возило и напаѓачот со пиштолот се повлече. Многу лица дојдоа, во униформа и неуниформирани, дел од нив ми се закануваа. И иако два пати се обидоа физички да ме нападнат, на напаѓачите не беа преземени никакви мерки. Заклучив дека се работи криминално-полициска конструкција, за смислена местенка со цел да се наруши мојот углед, а во опасност беше и мојот живот и затоа се одлучив да го напуштам местото“, рече заменик министерот во интервјуто.
Според соопштението на МВР, веднаш по настанот, Спасов направил две сообраќајни несреќи со службено возило, од кои втората во бегање, по што се обидел да им избега и на полициските службеници. По некое време на местото на настанот дошло друго лице кое се пријавило дека било возач на автомобилот, за кое, пак, сега Спасов не спомена ништо. Вчера министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека случајот е затворен и дека денеска ќе се поднесат соодветни пријави до учесниците во инцидентот.
Настанот, сè уште е главна тема на социјалните мрежи, додека граѓански активисти по настанот побараа оставка и одговорност од заменик министерот Спасов поради прекршување на законот, но и од морални причини.